Противуставно е користењето на кратенката С. Македонија, изјави премиерот, Зоран Заев, и додаде дека тоа е понижување за државата и непочитување на Уставот. Тој апелира да се користи уставното име на државата, Република Северна Македонија, по сѐ почестата употреба на кратенката Република С. Македонија која во последно време се користи и од политичари.
– Прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С. Македонија. Тоа е понижување кон државата и Уставот на државата, секако и Преспанскиот договор кој прерасна во Закон со ратификацијата во Собранието, а кај нас тоа е преточено и во Устав. Јас можам да разберам дека некој не се согласува со вакцините и слично, но сите се согласуваме со демократијата. Демократијата вели тоа е новиот Устав кој што е изгласан со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во НАТО и во ЕУ – рече премиерот Заев.
За него односот кон уставното име на државата кажува каков е всушност секој поединец.
– Граѓаните тоа го ценат, граѓаните знаат дека сите треба принципиелно, уставно и законски да се однесуваме и останува на сите поединечно, пред сѐ на политички субјекти, кои се лош пример за ова, да го променат тоа во иднина. Тоа е нашата реалност, тоа е тоа беше едно бреме кое 27-28 години надвиснуваше, над нашата земја, ги кочеше идните перспективи на сите наши граѓани – рече премиерот Заев.
Тој нагласи дека почитувањето на Уставот и на законите се обврска на политичките субјекти како пример за сите останати граѓани.