Претседателот на Владата, Зоран Заев, во изјава за медиумите го оцени учеството на владината делегација на Состанокот на лидерите на НАТО по повод 70-годишнината од постоењето на Алијансата.
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев:
-Овие два дена во Лондон, кога нашата Северна Македонија е претставена на највисоко владино ниво на Состанокот на лидерите на НАТО, по повод 70 годишнината од алијансата, се остварува сонот, заедничкиот сон за национален успех на сите наши граѓани.
Го живееме сонот на генерациите пред нас, на сите граѓани и лидери од нашата земја кои се вградени во остварувањето на стратешкиот стремеж кој започна со независноста на нашата земја – се исполнува деценискиот стремеж нашата татковина да ја направиме членка на НАТО. Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел.
И во Брисел, исто како тука во Лондон, уште еднаш ќе се крене и ќе остане кренато знамето на Северна Македонија, како на земја полноправна членка на најмоќниот воен и безбедносен сојуз на светот. Тоа ќе биде многу скоро, откако последната земја членка и наш сојузник – Шпанија, ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја за членство во НАТО во Вашингтон. За тоа добив апсолутно уверување од шпанскиот премиер Санчез.
Овие два дена во Лондон, во друштвото на лидерите на сите земји членки, на средбите со премиерите на Обединетото Кралство и на Канада, Борис Џонсон и Џастин Трудо, потврдуваме дека НАТО е најмоќниот безбедносен и воен сојуз, но и симбол и синоним на највисоки демократски вредности, а ние сме дел од ова моќно семејство.
Како дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија станува фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, земја во која граѓаните, младите и децата имаат сигурна иднина. Денеска со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси кои не ставаат во редот на сојузниците со кои заеднички ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот.
Овој генерациски успех на нашата земја нека биде поттик за ЕУ да ја поправи својата грешка во однос на нашето отпочнување на преговорите за членство, а за сите нас дома нека биде поттик уште посилно да ги продолжиме нашите реформи и да си ја направиме земјата уште поубаво и подобро место за живеење.
Да ја одржиме мотивацијата и силната енергија што не крепеше на патот за членството во НАТО, со иста таква сила и во процесот за членство во ЕУ. Оваа гордост, што сосема оправдано сите граѓани ја чувствуваме овие денови, е горивото да продолжиме со одлучноста, посветеноста и храброста и да го завршиме и нашиот пат до членство во ЕУ. Македонските граѓани заслужија убава иднина, денес НАТО го потврдува тоа – порача Заев.