Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешната средба во Клубот на пратениците заклучиле да направат обид да се најде заедничка личност за кандидат за претседател на државата.
Заев по средбата изјави дека таа личност треба да ги претставува сите граѓани во Република Северна Македонија со што ќе се прати порака за едно општество за сите.
Најави дека партиските органи во наредните денови ќе ги продолжат консултациите за можноста за зеднички претседателски кандидат.
– Станува збор за вредна шанса, што можеби ќе успее, а можеби не – рече Заев.
Тој повтори дека нема да се кандидира за шеф на државата. Прашан кои се можните кандидати на СДСМ, Заев кажа дека од десеттината имиња кои се спомнуваат во јавноста, пет се фаворити. Најави дека поконкретни информации ќе се знаат во наредните денови.
За професорката Гордана Сиљановска, нагласи дека за нив не е прифатлива како заеднички претседателски кандидат.
Али Ахмети, пак, изјави дека одлуките што ќе се носат треба да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите. Потврди дека разговорите продолжуваат на ниво на организациски секретари.
На новинарско прашање дали ДУИ би го поддржала Зоран Заев како канддат, Ахмети не одговори конкретно. Рече дека не е добро лидер на политичка партија да стане претседател.
Прашан за Никола Димитров, лидерот на ДУИ кажа дека не сака сега да се изјаснува за имиња, оти се прават анкети кои треба да дадат поконкретни сознанија.
Ахмети нагласи дека и тој нема да се кандидира за шеф на државата.
По средбата со Ахмети, Заев најави разговори и со другите политички партии од и надвор од владината коалиција.