Наместо премиер-Албанец, лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети се договориле на последните 100 дена од мандатот на новата Влада, да биде поставен премиер на предлог на ДУИ.
Заев изјави дека „ДУИ покажала големина и доблест“, па оттаму и тој покажал доблест и самиот, без консултации во СДСМ, предложил премиер на предлог на ДУИ да ги води последните 100 дена од редовниот мандат.
– ДУИ покажа големина и доблест заради иднината на сите граѓани, заради иднината на државата и успешните политики. При таа доблест е утврдено јас да ја добијам честа да бидам претседател на Владата во полн четиргодишен мандат. Дел од договорот е укинување на техничка влада, технички министри и технички премиер, нешто за што и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка. Заради оваа големина и доблест од ДУИ, без било какви претходни консултации и разговори во коалицијата и во мојата партија, покажав доблест. Оттаму, на предлог на ДУИ ќе биде поставен премиерот кој ќе ги води последните 100 дена од редовниот мандат – рече Заев.
Тој рече дека денес кога ќе се врати во партијата ќе го елаборира овој предлог, кој значи „градење партнерство“.
– Досега сме имале Албанец министер за одбрана, за внатрешни работи, претседател на Собрание и државата била напредна и стабилна – рече Заев.