Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на Дијалогот на лидерите, во рамките на Форумот на највисоко ниво на Самитот за целите за одржлив развој, како дел од програмата на 74-тото Генерално собрание на ОН. Во своето обраќање премиерот Заев потенцираше дека усвојувањето и имплементацијата на универзалната и трансформативната агенда за одржлив развој е од исклучително значење во свет на промени толку длабоки и брзи што ниту една земја не може да застане сама.
– Агендата за одржлив развој од 2030 година го препознава ова и обезбедува корисна универзална рамка за зајакнување на колективното дејствување кон заедничките цели и предизвици. Заедничкиот просперитет и исполнувањето на нашите меѓугенерациски одговорности може да се постигне само преку заедничко партнерство кое ги вклучува сите земји и сите засегнати страни – истакна Заев во својот говор посветен на Целите за одржлив развој 2030 на Обединетите нации, и го информираше форумот на кој присуствуваа голем број шефови на влади и лидери дека Владата преку Националниот совет за одржлив развој ја потврди заложбата за спроведување на Агендата на Обединетите нации 2030 и ја истакна важноста на доследна интеграција на целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните планови.
Премиерот Заев во обраќањето ги запозна лидерите на форумот дека Владата за периодот 2018-2020 година, идентификуваше пет приоритетни цели за одржлив развој: SDG 1 – Без сиромаштија, SDG4 – квалитетно образование, SDG8 – пристојна работа и економски раст, SDG 13 – Климатска акција и SDG16 – Силни институции за мир и правда, кои, истовремено се и приоритетните активности и мерки дефинирани во Владината програма.
Тој нагласи дека во наредниот период, Македонија ќе биде интензивно посветена на процесот за пристапување во членство во ЕУ и со оглед дека Агендата 2030 за целите за одржлив развој е во иста насока, тоа претставува одлична можност да ги разгледаме нашите тековни стратешки документи, програми за да создадеме здрави јавни политики за нивно ефикасно спроведување во иднина и за реализација на целите за одржлив развој.
Дека дел од целите за одржлив развој веќе се имплементираат во дел од политиките на Владата, премиерот Заев посочи на мерките и реформите со кои директно ги враќаме буџетските пари на нашите граѓани и со тоа се намалува нееднаквоста и им се помага им на оние на кои им е најпотребна финансиска помош.
– Да се намали нееднаквоста и да не оставиме ниту еден зад нас, е врвниот принцип на Владата и на Министерството за труд и социјална политика. Успешното спроведување на социјалните реформи овозможи дури 30.000 домаќинства или околу 120.000 граѓани добиваат социјална помош повисока во просек за 300% во однос на 2016 година. Поддршката за младите е еден од нашите приоритети како земја. Обезбедување поволни услови за надградба, развој и вработување на млади се видливи преку нашиот Оперативен план за вработување. Владата обезбеди 17, 9 милиони евра за оваа година и тоа е најголема сума досега, три пати поголема во однос на 2014 година, издвоена за мерките за вработување на младите – рече Заев. Според него, Македонија е единствената земја која не е членка на ЕУ и воведе гаранција за млади. Оваа мерка е дел од европските политики и има за цел да им обезбеди на младите луѓе во рок од четири месеци од датумот на регистрација во Агенцијата за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или стажирање.
Тој ги запозна присутните на лидерскиот дијалог за создавање на нови работни места заедно со работодавците со мерките за поттикнување на развојот и иновациите на микро, малите и средни компании за да се создадат подобро платени работни места.
– Ние како Влада веруваме дека инвестирањето во компании за иновации и стартап компании ќе ги задржи младите луѓе во земјата и ќе ја намали економската миграција. Со цел да ја демонстрираме нашата јасна политика и подготвеност да ги следиме идеите на младите луѓе во развојот на нивниот бизнис, заедно со поддршка на Светската банка го зголемивме 7 пати портфолиото на Фондот за иновации и технолошки развој со сума од 39 милиони евра – истакна Заев.
Премиерот информираше дека, во согласност со SDG13, правиме напори да спроведеме мерки што ги поддржуваат „зелените“ работни места и имплементацијата за енергетска ефикасност во зградите и снабдувањето со ниска количина на јаглерод.
– Владата ја заврши подготовката за вклучување во Зелениот климатски фонд и ќе го развие проектот за гасовод кој ќе биде аплициран за поддршка од фондот. Тоа произлегува и од нашата примарна одговорност да го обезбедиме својот пат за остварување на целите за одржлив развој. Република Северна Македонија ја потврдува својата заложба за спроведување на Агендата за 2030 година и во таа насока јавните финансии, како домашни така и меѓународни, добро координирана донаторска помош, ќе играат клучна улога во обезбедувањето на основните услуги и јавните добра за да ја овозможат имплементација на целите – рече Заев.
Во завршницата на своето обраќање, тој потсети дека остварувањето на глобалните цели за одржлив развој се заедничка визија на светот и заслужуваат да го забрзаме нивното спроведување.
– Агендата 2030 е наше ветување пред нашите деца и млади денес, дека тие ќе го постигнат својот целосен човечки потенцијал и ќе го носат факелот за одржлив развој за идната генерација. Наша е решеност е да одиме напред зашто секој придонес инспирира надеж – нагласи Заев.