Премиерот Зоран Заев денеска во седиштето на ЕУ во Брисел ќе има средби со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеи.
На овие средби се очекува Заев да разговара за пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија, за бугарското вето, но и за последните изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно раздвојување на Скопје и Тирана на европскиот пат, анализираат домашните медиуми.
Премиерот Заев пред заминувањето за Брисел порача дека очекува ЕУ да ги потврди европските вредности и да го испорача тоа што го вети за спроведените реформи во Македонија. Во изјава за „Еуроњуз“ рече дека дека кандидатурата на Македонија е тест за кредибилитетот на Европската Унија на Западен Балкан, за тоа дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата.
Во интервју за „Катимерини“, пак, во контекст на бугарската блокада, Заев нагласи дека за Македонија, за македонскиот народ, неприфатлива е каква било интервенција во македонскиот идентитет.
Според најавата од владината прес-служба, премиерот Заев за време на денешната посета на Брисел ќе има средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја членка и актуелен претседавач со ЕУ.
Серијата разговори ги започна синоќа на средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина. Двајцата се согласиле дека Македонија го одработи својот дел од обврските и оти е време ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши кредибилитетот на Унијата пред целиот Западен Балкан.
Од Брисел, премиерот Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, ќе отпатува за Мадрид, а потоа за Атина.