Поништувањето на Договорот од Преспа е ризик, затоа што се отвора нов проблем со соседна држава, ново вето и враќање на ретроградни процеси, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Сојузот на Стопански комори.
– Беше потребна храброст да се постигне тој договор со Грција, ама на крајот тоа беше и заради економија, заради подигање на економскиот стандард и зголемена соработка со Грција, но и светот и не случајно над 80 отсто од граѓаните се за ЕУ и НАТО, затоа што тоа носи економски придобивки за државата – истакна Заев.
Осврнувајќи се на прашањето за темите во предизборието, Заев истакна дека тој ќе се осврне на економските теми и досега сработеното.
– Многу работи се исполнија во последниот период како долгогодишни стратешки определби на државата, кои даваат предвидливост и иднина на креирањето на плановите во секој сегмент на општеството, така и во најважниот – економијата. Јас барам чист мандат за целосно да се посветиме на економијата. Јас сум економист и доаѓам од реалниот сектор и среќен сум што за овие две и пол години од негативни ставки од минус 1,8 отсто ја подигнавме економијата на 3,6 отсто раст. Секако има простор за уште поголем раст, имаме квалитетни компании, имаме инвентивни бизнисмени, пример сме за многу позитивни нешта и секако тоа како потенцијал мора да го искористиме. Ќе се посветам на економијата за да има вистински економски натпревар помеѓу политички субјекти. Во следниот четиригодишен период две работи ќе бидат клучни: економија и целосна трансформација на општеството, трансформација која ќе биде во функција на економијата – рече тој.
Во однос на прашањето за Законот за јавно обвинителство, Заев истакна дека очекува предлог од ВМРО-ДПМНЕ за да продолжат со работа работните групи на двете партии.
– Ред е големите политички партии да најдат решение за вакво сериозно прашање, особено сега кога предметите на СЈО се обезбедени. Ред е да направиме суштински, структурен европски закон за Јавно обвинителство. Разговарам и со други пратеници, има надеж, треба да се помине и низ материјата за унапредување на целиот материјал, за на рајот да веруваме дека може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство. Тоа е еден од законите кои остана последен од делот на реформите, односно реформите во правосудството и наша обврска е да го донесеме – заклучи Заев.