АСНОМ не се брише од Преамбулата на Уставот на Република Македонија. Тој ќе се содржи двапати. Во Преамбулата ќе се додадат и зборовите Охридски рамковен договор со што ќе се потврди историското значење за нашата држава, истакна премиерот Зоран Заев во образложението на нацрт-амандманите на Уставот на денешната седница на Комисијата за уставни прашања.
Тој ги образложи четирите нацрт-амандмани што ги предложи Владата, а за кои рече дека ја заслужуваат поддршката од сите пратеници во Собранието во име на ЕУ интеграциите и новата политичка реалност.
– Пратениците, со поддршка на иницијативата, ќе покажат дека се за европска индина на Македонија – рече Заев пред Уставната комисија.
Седницата на Комисија за уставни прашања може да трае 12 дена. Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истовремено е и претседател на Комисијата, ја закажа за 1 декември.
Собранието на 19 октомври со 80 гласови „за“ донесе одлука за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. Осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „за“ уставни измени.
Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.