Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција порача дека ако не се постигне договор за датум за избори, тогаш тие ќе се одржат на 21 јуни, како што е предвидено со Уставот и законите. По завршувањето на вонредната состојба на 30 мај, според Заев, продолжуваат да течат 22 дена за одржување на изборите.
Затоа ако некој сака тоа да го одложи мора да каже како по Устав и закон да се направи тоа, а не да има неуставно одложување на изборите, па потоа секој да може да ги оспори изборните резултати и истите да паднат пред Уставниот суд, вели Заев.
Лидерот на СДСМ очекува во наредниот период од 7-10 дена додека да заврши вонредната состојба, партиските лидери да најдат заеднички прифатливо решение.
– Ако не најдеме решение, законот предвидел како се решаваат сите детали. Како продолжуваат замрзнатите рокови, како се пополнува списокот со оние кои наполниле 18 години до денот на гласање. Уште еднаш напоменувам се гласа со лична карта и патна исправа. Секој над 15-16 години може да извади лична карта, и да не извади има патна исправа. Ако по автоматизам избирачкиот список ги има сите внатре, избирачкиот список е завршен, јавниот увид е завршен. Во писмото господинот Дерковски го потврдува тоа дека сите постапки се завршени и се прифатливи за завршени и продолжуваат од каде се застанати. Зошто? Затоа што законот дава решение како да продолжат таму каде се застанати. Не сакам никој тоа да го сфаќа како некој ултиматум. Не, треба да се договориме. Ако не се договориме да знаат сите дека на 21 ќе има избори со 14 кандидатски листи, ќе се излезе на гласање и верувам дека максимален ќе биде бројот на излезени гласачи – вели Заев.