Доколку ДУИ има услов за коалиција за Влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада, порача на Фејсбук лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако денеска Али Ахмети објави дека следна цел во политичката агенда на ДУИ е да го назначи првиот Албанец премиер на државата.
– Доколу СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Влада и ќе бидам премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав низ сите мои политики изминативе години – порача Заев .
Тој додава и дека според Уставот, пратениците во Собранието се бираат според волјата на граѓаните, а не според етничката припадност на еден или друг кандидат.
– Точно е дека граѓаните во нашето општество сѐ повеќе ги надминуваат етничките бариери, но поважно од тоа е дека при изборот тие се водат, пред сѐ, од квалитетите на кандидатот и посебно од неговиот однос кон граѓаните, од неговата општествена посветеност за добробит на сите граѓани и државата, како и личниот пример што како впечаток кандидатот го остава пред граѓаните – се наведува во реакцијата на претседателот на СДСМ.