Кога ЕУ навистина сака да постигне исчекор во некој преговарачки процес и ја врти работата кон безбедноста и загрозувањето на истата таа, тоа значи дека сериозно разгледува опции што треба да спречат одредени безбедносни импликации. Имено, изјавата на германскиот министер Рот е еден вид критика кон Бугарија дека како земја-членка на ЕУ не изанализирала доволно, дека не се грижи за заедничкиот безбедносен простор, дека е водена од сопствените интереси што ги загрозуваат заедничките цели и интереси на Унијата…
Како бугарското вето за Македонија безбедносно ја загрози и Европа?
Конечно потврдената решеност на Бугарија во намерите за испорачување вето за преговарачката рамка за Македонија (и без имплементација на бугарските услови во неа), освен што го разби и последниот атом на надеж за започнување на македонскиот преговарачки процес со ЕУ за време на германското претседателство, тоа во еден поширок геополитички контекст предизвика и длабока загриженост за безбедносните импликации од ваквата одлука на една земја-членка на ЕУ. Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, за време на министерскиот состанок на самитот на ЕУ, експлицитно кажа дека Македонија не може да ги почне преговорите поради „билатералните барања на една земја-членка кон кои другите 26 земји-членки не можат да се приклучат“, а неуспехот го оценува како тешка грешка, која може да ја загрози безбедноста на Европа.
– Како претседавачи со ЕУ, правиме сѐ што можеме за во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со С. Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови, и со Албанија. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни – изјави Рот пред онлајн состанокот на министрите за надворешни работи, нагласувајќи го аспектот на безбедносна закана.
Фактот дека бугарското вето за македонските евроинтеграции е четврто во рок од две години, откако е потпишан Преспанскиот договор со Грција, за кој од ЕУ уверуваа дека е последниот услов за започнување преговори за членство на Македонија во Унијата, сепак се чини дека во овој миг не ја менува во голема мера безбедноста слика во регионот и во Европа, од состојбата во споменатиот период. Дури, во меѓувреме Македонија стана и 30-та членка на НАТО, па загриженоста на германскиот министер Рот за „загрозување на безбедноста“ ги отвора прашањата какви загрозувачки процеси од геостратегиски аспект може да генерира бугарското вето.
– Секогаш кога ЕУ сака да постигне нешто во некој преговарачки процес, ќе ја сврти работата кон безбедноста. Оваа изјава на германскиот министер Рот ја ценам како критика кон Бугарија дека како земја-членка на ЕУ не се грижи за заедничкиот безбедносен простор, водена од сопствените интереси што ги загрозуваат заедничките цели и интереси на Унијата. Наедно, на своевиден начин, Рот сака да ѝ даде поттик и на Македонија дека не треба да се откажува од идејата и работата да стане дел од тој заеднички безбедносен простор, но и дека ЕУ се грижи за неа во однос на некои надворешни безбедносни закани. Пред сѐ, таа загриженост на ЕУ се однесува на можноста дека по ова вето се засилува можноста за ширење на евроскептицизмот во Македонија, што ја прави и поотворена цел за руско влијание. Германија и ЕУ во овој миг се загрижени македонската држава да не тргне во погрешна насока – смета Оливер Андонов, универзитетски професор и познавач на безбедносната геополитика.
Согледувајќи ја продлабочено европската загриженост за безбедносни импликации од бугарското вето спрема Македонија, Андонов констатира дека надежта што ќе ја добиеше земјава со почетокот на преговорите со ЕУ во голема мера ќе ги олабавеше општествените тензии во другите сегменти, како економските и социјалните. Според него, Македонија нема влада со капацитет за спроведување општествени реформи (владеење на правото, справување со криминалот и корупцијата, економијата, здравството, образованието) без ЕУ. Без конкретна временска перспектива за започнување преговори со ЕУ и без капацитет на Владата за некакви конкретни реформски процеси, големи се ризиците општествената разочараност да предизвика социјални немири. Какви било немири во државата претставуваат безбедносна закана за регионот, па и за ЕУ, смета Андонов, а цени и дека Германија го согледува тоа како потенцијално сценарио по бугарското вето.
Во контекст на безбедносните импликации од бугарското вето за Македонија, може да се гледа и изјавата на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, која исто така го критикува бугарското однесување во ЕУ.
– Мислам дека е целосна трагедија тоа што по долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците, Бугарите, поради домашни причини, истакнаа такви барања за С. Македонија, и затоа треба да се постави прашањето како ги исполнува Бугарија своите обврски кон ЕУ. Мислам дека тоа е многу важно прашање што ги подвлекува нашите напори на Балканот, а тоа е да постои соработка на економски и политички план – изјави Медлин Олбрајт, на сослушување пред Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Олбрајт, всушност, одговараше на прашање како новата администрација на Џо Бајден и на Камала Харис треба да работи со Брисел за земјите-аспиранти во ЕУ да не останат во чекалницата поради своите соседи, а со оглед на блокадата што Бугарија ја постави за Северна Македонија поради прашања за нацијата и јазикот. Во својот одговор, Олбрајт нагласи дека новата администрација треба да работи на тоа прашање.
– Изјавите во тон на загриженост поради безбедноста на регионот, па и на ЕУ, поради бугарското вето за Македонија треба да се гледаат во контекст на отворање можност за креирање нестабилност. Ставањето на земјите од регионот на колосекот на проширувањето, за самата ЕУ претставува можност за предвидливост и управување со состојбите на општествен план. Кога земјите се надвор од процесите на Унијата, тие секако претставуваат попогоден терен за креирање нестабилност за оние фактори што сакаат овој регион да биде нестабилен, поради свои геостатегиски интереси – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики – Скопје.
Таа смета и дека американската заинтересираност за безбедносната компактност на ЕУ треба да се искористи како помош за надминување на предизвикот што го поставува бугарското вето за македонските евроинтеграции.
Истата линија на размислување ја има и универзитетскиот професор Оливер Андонов, кој проценува дека САД се подготвени да ја поддржат Македонија во процесот на започнување преговори со ЕУ, употребувајќи го своето влијание врз Бугарија билатералните историско-идентитетски прашања што ги наметнува како причина за ветото, сепак, да останат надвор од преговарачката рамка и да не бидат услов во процесот на македонското евроинтегрирање.