Нашиот соговорник, Стојче Цековски, кривопаланчанец по потекло, е херој што не се откажува од борбата и предизвиците со кои се соочува постојано. Прележал и ковид-19 и иако поминал низ многу тешкотии, сепак, се изборил со опасниот вирус. Човек со силна волја, упорност, храброст и ентузијазам многу нешта да се променат и бубрежно болните лица да добијат подобар здравствен третман и посовремена медикаментозна терапија. За својата животна приказна пишува автобиографија, која планира да ја објави штом ја заврши. Сепак, ексклузивно за „Нова Македонија“, ја отвори душата откривајќи ни низ што сѐ поминал изминативе години

И ние имаме свој кандидат за Гинисовата книга на рекорди

Стојче Цековски цели 43 години живее на дијализа. Од здружението на бубрежно болни лица „Нефрон“ велат дека неговиот случај треба да влезе во Гинисовата книга на рекорди за неговата долготрајна борба и живот на дијализа. И навистина овој роден кривопаланчанец е херој и не се откажува од борбата и предизвиците со кои се соочува постојано. Прележал и ковид-19 и иако поминал низ многу тешкотии, сепак, се изборил со вирусот. Човек со силна волја, упорност, храброст и ентузијазам многу нешта да се променат и бубрежно болните лица да добијат подобар здравствен третман и посовремена медикаментозна терапија. Живее со болеста, која го спречила во остварување на сите негови животни планови и желби. Не завршил факултет, никогаш не се вработил, не основал семејство и живее со семејството на неговиот брат, кое се грижи за него. За својата животна приказна пишува автобиографија, која планира да ја објави штом ја заврши. Сепак, ексклузивно за „Нова Македонија“, ја отвори душата откривајќи ни делови од својата животна приказна
Цековски откако завршил гимназија во далечната 1979 година дошол во Скопје и се запишал на Градежниот факултет, со желба и ентузијазам еден ден да стане градежен инженер. Никогаш немал никакви здравствени проблеми и ниту една таблета се немал напиено, но веднаш на почетокот на студиите почувствувал дека многу често е жеден и испива многу течности, потоа дека има отоци на нозете и на очните капаци, особено кога се буди наутро. Вели дека одненадеж почнал да чувствува малаксаност и губење на апетитот. Поради овие симптоми веднаш се јавил во Здравствениот дом во Крива Паланка, а лекарите се сомневале дека има воспаление на слепото црево. По сугестија на еден од лаборантите дека нешто не е во ред во неговата крв, бил испратен на испитувања во Скопје. На Клиниката за нефрологија веднаш бил хоспитализиран и останал да лежи цел месец.

– Ми дадоа некакви таблети бидејќи имав и висок притисок, што пред тоа никогаш не ми се случило, играв фудбал, се занимавав и со потешки земјоделски работи. Во болница останав цел месец откако ме примија на 15 јануари. Ми правеа секојдневни испитувања, а потоа ми дадоа терапија и ме пуштија дома и ми советуваа многу да внимавам на исхраната. Но на почетокот на септември таа 1979 година имав некаква настинка и покачена температура и повторно завршив во болница. На 4 септември се случи и првата дијализа, процес за кој ништо не ми беше познато. Од тогаш го напуштив факултетот и се посветив на болеста. На секои 15 дена одев на дијализа, па потоа секоја недела, а после и трипати неделно. Не беше лесно да се патува од Крива Паланка до Скопје. Дијализата тогаш беше нешто ново за кое лекарите многу се интересираа и покажуваа многу голема грижа за нас болните, но според нивниот искрен одговор и искуство, велеа дека со дијализа се живее од шест до седум години – раскажува Цековски.
Во тие денови вели дека го запознал својот пријател Ванчо, со кого воделе првичен разговор за тоа дали има спас од болеста и вели дека тогаш од него разбрал дека е можно човек да се спаси со трансплантација на бубрег. Истото тоа му го потврдил и лекар, па по сите собрани информации и документи заминал во францускиот град Лион, каде што требало да се случи тоа, да му биде трансплантиран бубрег. Но тамошните испитувања покажале дека дијализите што му биле правени во Македонија биле многу лоши, па од него побарале да се врати дома за да му ја подобрат состојбата.

– Неколку месеци секој втор ден со возило на итна медицинска помош ме носеа во Скопје на дијализа, а потоа ми рекоа да патувам со автобус. Станував во четири часот наутро, патував по 100 километри за во седум часот да бидам на дијализа во Скопје. Се боревме и се обидувавме на секаков начин, баравме да се отвори центар за дијализа во Крива Паланка. На крајот се изборивме и тоа се случи во 2004 година. Со италијанска донација конечно таков центар беше отворен и во Крива Паланка. Мојот живот на дијализа продолжи, а со тоа почнаа да ми слабеат сите органи, имав намален вид, поотежнато движење. Но по шест месеци се вратив во Франција, а лекарите ми најдоа многу антитела. Тоа беше причината што ги одврати од трансплантација, бидејќи поради тоа бубрегот немаше да ми биде прифатен, како туѓо тело. Се вратив дома, а потоа ме снајде и друго, па по некое време во болницата „Ребро“ во Загреб ја оперирав и тироидната жлезда и по сево ова пропаднаа сите мои желби, надежи и животни планови – вели Цековски.
Во времето кога почнал со дијализа смета дека лекарите биле многу повнимателни кон ваквите пациенти, позаинтересирани за бубрежно болните, се труделе многу повеќе да се информираат за дијализата и воопшто за сѐ врзано за оваа медицинска гранка, сакале да бидат во тек со европските стандарди, но сега вели дека не е така. Зборува за стари апарати за дијализа, по 20-30 години, кои често се расипувале додека пациентот е на нив, па лекарите морале да ги исклучуваат пациентите додека се поправат. Но додава дека сега малку е подобрена ситуацијата откако од 2014 година центрите за дијализа се во приватни раце. Се пожали дека бубрежно болните кај нас не ги добиваат лековите што ги добиваат во западните земји, иако им било ветено дека тие лекови ќе бидат набавени. Апелира и во нашата земја да се почне со трансплантации во сите поголеми медицински центри во земјава, а од пациентите со мозочна смрт да се земаат бубрезите за трансплантација.

– Да се водиме од примерот на Хрватска, каде што годишно се прават по стотина трансплантации, а кај нас само по десетина, и тоа со дарувачи од фамилија. Апелирам за поголема транспарентност кон овие пациенти, зашто да се живее со дијализа, потребно е самиот пациент да ја прифати болеста, како што се прифаќа дека секој ден мора да се оди на работа, да прифати да живее на овој начин и со голема самоконтрола – додава Цековски.
Тој има голем број пријатели со кои контактира и другарува и на социјалните мрежи.
– Ова е мојот пријател Стојче Цековски од Македонија. Голем борец и херој. Долги, премногу долги 43 години е на дијализа. Се сомневам дека има некој со подолго искуство на третман на дијализа во Европа и во светот. Ова е Светски рекорд… добро направено. Стоење за вашата психолошка сила и волја за живот. Чест ми е што те познавам. Среќно натаму – пишува неговиот пријател Томислав Зулјевич, на фејсбук-страницата на Цековски.


Од „Нефрон“ апелираат за повеќе трансплантации

Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ 18 години ги обединува пациентите од нашата земја, а во последните години соработува и на меѓународен план со слични здруженија и асоцијации со единствена цел: застапување на интересите и правата на бубрежно болните лица и залагање за унапредување на лекувањето со дијализа и развој на трансплантацијата. Во Македонија, 1.600 пациенти на дијализа, трипати неделно, поминуваат по 4-5 часа на апарат за дијализа за да им ја прочисти крвта. Тоа е единствениот начин да можат да преживеат во следните 48 часа. Еден пациент месечно поминува 13 дијализи, годишно 156 дијализи… 780 часа годишно во центар за дијализа, приклучен на машина што му ја прочистува крвта.
– Условите за дијализа во нашата земја се значајно подобрени во споредба со минатото, центрите се современи со обновена апаратура, во нив работи обучен медицински кадар. Секој пациент се дијализира во најблиското место на живеење, центарот за дијализа има обезбеден превоз за пациентите. Сепак за квалитетно лекување недостигаат современи лекови на позитивната листа, лекови што ќе ја подобрат состојбата и ќе спречат голем број компликации, кои настануваат од долгогодишната дијализа. Секако, најдоброто решение за секој пациент е трансплантација дали од жив дарувач или од кадавер, но пациентите што немаат можност за трансплантација остануваат до крајот на својот живот на дијализа. Затоа апелираме за што поголем број трансплантации, оние што имаат обезбедено познат жив дарувач тековно се трансплантираат, но треба да се зголеми бројот на кадаверични трансплантации, во кои многу од пациентите гледаат единствен спас – вели Душко Ѓорѓиев, претседателот на „Нефрон“.