Многу земји во ЕУ, всушност, не мислат дека ќе има проширување во некој период во блиска или далечна иднина поради причини што имаат многу мала врска со Западен Балкан. Тоа беше јасна порака од францускиот претседател Макрон во 2019 година, кога рече дека „ЕУ е премногу кревка за да прифати нови сиромашни, слаби членки“…
Бугарското вето е само алиби на Унијата за скептичните земји во врска со проширувањето
Десетина дена остануваат до самитот на Европската Унија, на кој ќе се види дали португалското претседателство успеало да ја „убеди“ Бугарија да го отстрани ветото и да овозможи почеток на пристапните преговори со Македонија. Но за издвојување е дека во европските кулоари сѐ повеќе се шири и мислењето дека Бугарија не го прави ова сама, туку дека зад неа се затскриваат поголеми земји што се противат на процесот на проширување, но не истапуваат јавно.
Од друга страна, изминатиот период Софија е под засилен американски притисок преку кој се бара од бугарските власти да не го попречуваат европскиот пат на земјава. Потврда дека САД засилено се враќаат на Балканот се и најавите за ставање на црна листа на сите лица што ќе работат во насока на дестабилизирање на регионот, вклучувајќи ја и Бугарија.
Сѐ повеќе непочитувања на одлуките во ЕУ, на Европскиот суд и на другите институции
– Проблемот на Западен Балкан денеска, ќе бидам многу искрен, е што многу земји во ЕУ, всушност, не мислат дека ќе има проширување во некој период во блиска или далечна иднина поради причини што имаат многу мала врска со Западен Балкан, но јасно беа кажани од францускиот претседател Макрон пред неколку години во 2019 година, кога рече дека „ЕУ е премногу кревка за да прифати нови сиромашни, слаби членки“. И многу очигледно е што мислеше, дека во моментов законите на ЕУ се прекршени, кога Европскиот суд носи одлука и пресуда и таа не се спроведува во Унгарија или во Полска, тогаш е многу тешко да се дојде до консензус поради ветата на државите во ЕУ. Сè додека ЕУ не изнајде начин да се справи со овие проблеми внатре, многу земји, Холандија, Франција Германија и многу други, се скептични за проширувањето со други земји – вели Гералд Кнаус, германски експерт од Европската иницијатива за стабилност.
Според него, токму скептичните земји во врска со проширувањето се кријат зад Бугарија.
– Погледнете ја Албанија. Комисијата рече дека Албанија е подготвена да ги започне преговорите, нема вето за Албанија, а сепак, и Албанија не ги започнува преговорите. Зошто е тоа така? Затоа што неколку земји се скептични за проширувањето бидејќи не сакаат да видат уште полноправни членки во блиска иднина – смета Кнаус.
Блокадите на проширувањето – смислено сценарио од повеќе земји
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, не ја отфрла можноста блокадите на проширувањето да се смислено сценарио од повеќе земји.
– Со вето од веќе трета земја (по Грција и Франција), не може да се исклучи и тоа дека се работи за смислено сценарио или скриен договор на некои или сите овие земји, а можеби и на некои други, кои засега не се истакнуваат со блокади, но можеби ќе го искористат своето вето право во некоја друга пригода – смета Кржаловски.
Тој додава дека со евентуалното укинување на правото на вето работите во иднина би можеле да станат појасни.
– Затоа е добра идејата на германскиот министер Рот да се укине ветото (па работите ќе станат појасни при вакви одлуки), но и за тоа треба време (а и консензус за да се одобри како правило) – констатира Кржаловски.
Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, се согласува дека во ЕУ постојат скептици во врска со процесот на проширување.
– Изгледно е дека во ЕУ постојат скептици кон проширувањето, но предоминантна клима е онаа на поддршка. Оттука за секоја земја е политички неопортуно да се излезе во јавност со такви ставови и да се конфронтира со преостанатите, така што секогаш ќе се користи друга земја како параван, наместо јавно да се изрази таков скептицизам – вели Трошановски.
Според него, постои одредено фаворизирање на одделни членки на Унијата кон некоја земја-кандидат.
– Последните изјави на Вархеи и Орбан укажуваат дека можеби и Унгарија ја фаворизира Албанија за сметка на нашата земја, иако од наша страна сите услови се исполнети за почеток на преговори што е формална позиција на Советот и на ЕК – истакнува Трошановски.