Фото: Игор Бансколиев

Политиката на ЕУ сѐ повеќе личи на игри брз граници и без правила. На мноштвото контроверзии, контрадикторности, ирационални барања, услови, уцени како да им нема крај. Од чувар на меѓународното право и Копенхашките критериуми, Унијата се претвори во нивен најголем прекршител. Со својата политика на поддржување апсурдни, ирационални и бесмислени вета, уцени и блокади од Грција и од Бугарија, измислување нови и нови бенчмаркови, промена на методологија и што ли уште не, како да дојдовме до точка кога Унијата веќе не знае што сака и што да прави сама со себе. Разногласието и поделбите сѐ погласно ечат во Брисел, а нивниот одек го тресе целиот Балкан, особено Македонија, како најголема жртва на политиките на ЕУ.
Најнов показател се и спротивставените тези во однос на проширувањето што доаѓаат од Брисел, наспроти оптимизмот што го шири претседателката на Европската комисија. Има ли кормилар бродот на ЕУ и каде, всушност, плови овој брод?

БРИСЕЛ ПРОДОЛЖУВА СО ПОЛИТИКАТА
ТОПЛО-ЛАДНО КОН РЕГИОНОТ

Оптимистичките изјави на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за тоа колку Европската Унија ја сака Македонија како своја членка, се распрснаа како меур од сапуница уште за време на нејзиниот престој во Скопје, откако агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на четворица дипломати и еден документ, објави дека Брисел повеќе не може да гарантира дека Македонија и другите земји од Западен Балкан ќе бидат примени во ЕУ.
Тоа, несомнено, претставува нов студен туш за процесот на проширување и, на некој начин, минирање на западнобалканската турнеја на претседателката на ЕК, која сега ќе мора да ги објаснува и наводите од документот што протекоа во јавноста.

Борба за превласт во ЕУ

Згора на тоа, контрадикторно е што ЕУ тврди дека сака да го задржи своето влијание на овие простори, но, од друга страна, со сите сили работи да ги отвори вратите на Западен Балкан за трети земји, бидејќи државите од регионот повеќе немаат сила да продолжат да живеат со лажните надежи за нивната европска перспектива. Несомнено, одговорноста за идните случувања на Балканот е само на ЕУ.
Неможноста на европските политичари да се усогласат дали Унијата ќе се проширува со Македонија и земјите од регионот и протекувањето на ваквите информации токму во време кога претседателката на ЕК е на балканска турнеја можеби сигнализираат и нешто друго, дека внатре во ЕУ се води жестока борба за преземање на лидерската улога по пензионирањето на германската канцеларка Ангела Меркел.
Не случајно во објавата на Ројтерс како потенцијални противници на проширувањето се споменуваат Франција, Холандија и Данска, кои стравуваат од последиците што произлегоа од пребрзиот прием на Бугарија и Романија во 2007 година, што резултира со наплив на работна сила од овие земји во Обединетото Кралство, што, од друга страна, се искористи и како главен мотив за брегзитот.
Во целата оваа ситуација, Македонија ја трпи најголемата штета, бидејќи во име на евроинтеграциите го промени уставното име, потоа поради француското инсистирање на нова методологија во пристапувањето не ги почна преговорите и загуби уште година и половина, а потоа поради блокадата на Бугарија, нашата земја е уценета и со нови отстапки во однос на јазикот, историјата и идентитетот, основните обележја на еден суверен народ, а сето тоа за некаква неизвесна европска иднина.
Сега само се потврди тезата дека зад бугарското вето стојат и други држави што ја користат Софија како параван. Протекувањето на најновиот документ, во кој јасно се нагласува отпорот кон проширувањето на Унијата, уште еднаш ја наметна и дилемата дали Македонија треба и натаму да продолжи да испорачува и да се надева на ЕУ без да почне да размислува и за план Б и некаква резервна излезна варијанта од ќор-сокакот во кој ја внесе токму Унијата.

Поделбите во Унијата го запираат проширувањето

Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека различните одгласи за проширувањето што доаѓаат од Брисел се резултат на внатрешни пресметки меѓу противниците и поборниците на проширувањето.
– Несомнено, постојат поделби и струи во Унијата за проширувањето помеѓу државите-членки, кои се клучни носители на одлуки во овој процес. Оваа состојба е резултат и на внатрешни и надворешни фактори. Одвнатре, постојат дебати во однос на проблемите со новите држави-членки од претходните рунди на проширување, вклучувајќи го и тековното однесување на Бугарија. Дополнително, тука се мноштвото кризи со кои Унијата се бори истовремено, како и излезот на Обединетото Кралство од Унијата – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики.
Таа дел од вината за ваквите пресметки ја лоцира и кај самите земји-кандидатки, кои не го постигнале потребното ниво на реформи.
– Не треба да занемариме дека и најголемите поддржувачи на проширувањето немаат аргументи поради слабото досие на постигнувања во Западен Балкан – категорична е Кацарска.

Внимателно со идните отстапки

Универзитетскиот професор Живко Андревски ја застапува тезата дека со самото тоа што во ЕУ има противници и приврзаници на проширувањето, се потврдува дека овој процес е запрен.
– Гледано рационално, без некакви емоции, мора да се сфати дека проширувањето на ЕУ е процес само ако се согласат сите. Тоа што внатре има земји што се „за“ и „против“ проширувањето зборува дека овој процес е запрен, и тоа на неодредено време. Тоа е првиот момент. Второ, дури и Македонија по некој случај да ги почне преговорите, тоа ќе трае со години, со оглед на методологијата и темите што се предвидени за преговарање. Покрај тоа, ЕУ си даде право кога сака тие преговори да ги стопира, да ги менува, да враќа назад и така натаму. Ако сите овие елементи се имаат на ум, тогаш на Македонија не ѝ преостанува ништо друго освен да биде само добар сосед на Унијата – вели Андревски.
Според него, охрабрувачките изјави на претседателката Урсула фон дер Лејен, наспроти објавата дека ЕУ не дава гаранции за идно проширување, не се ништо друго освен настап на еден европски политичар што треба да шири позитивни сигнали.
– Претседателката на ЕК е политичарка избрана од сферата на луѓе што треба да шират позитивни сигнали. Никој од тие европски политичари што доаѓаат кај нас нема директно да ни каже дека тие го запираат процесот на проширување. Логично е да се очекуваат тој тип на однесување и тој тип на изјави на овие политичари. Ние како држава мора да ги погледнеме соодносите таму каде што сакаме да влеземе, да ги видиме сопствените потенцијали и цели што ги имаме, да ги искомпарираме и да видиме што можеме да примениме во нашите односи со ЕУ по две или по 20 години – истакнува Андревски.
Коментирајќи го парадоксот со замрзнатите евроинтеграции и барањето за нови отстапки од Македонија на патот кон ЕУ, професорот смета дека не треба да се прават непотребни отстапки.
– За мене се очекувани барањата на Бугарите, бидејќи Бугарија долгорочно никогаш не отстапила од нив. Но ние треба да бидеме внимателни и ако ја утврдиме првата цел, да бидеме само добар сосед на ЕУ, тогаш не треба да правиме никакви отстапки барем во она што е неточно и во она што нам ни ги нарушува сегашноста и иднината. Треба да се види која е целта во рамките на тие отстапки што би се правеле. Второ, сите сили внатре во Македонија што и натаму одат во прилог на бугарските црвени тези треба да се разобличат, а тие се и натаму присутни во земјава на разни начини – констатира Андревски.