Европскиот Парламент (ЕП) утре ќе гласа за резолуцијата со која целта е да се осуди одложувањето на пристапните преговори на Македонија и Албанија, и да се даде поддршка за продолжување на политиката за проширување на Западен Балкан.
Според агендата што е објавена на страната на ЕП, попладнево по 15 часот ќе се одржи дебата за преговорите со Македонија и Албанија, а во текот на утрешниот ден се очекува да биде спроведено гласањето за резолуцијата.
Во расправа со претседателите на Европскиот Совет и Европската Комисија, Доналд Туск и Жан Клод-Јункер, пратениците од ЕП ја осудија одлуката со која е одложен почетокот на пристапните преговори за Скопје и Тирана. Пратеничките групи изработија нацрт резолуција во која Европската народна партија (ЕПП), Социјалдемократите, Либералите, Зелените и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) укажуваат на штетноста и можните последици од новонастанатата ситуација кога е во прашање политиката на проширувањето на ЕУ.
Претходно, клучните европски функционери го повторија ставот дека негативната одлука за почеток на преговорите со Скопје и Тирана е историска грешка. Туск пред европратениците рече дека се надева оти оваа неправда ќе се исправи пред самитот во Загреб кој треба да се одржи во мај идната година. Јункер истакна дека е многу разочаран од одлуката на Советот на Европа.
– Северна Македонија и Албанија требаше да ги почнат преговорите и голема грешка беше што не ги почнавме преговорите со овие две земји. Беше создаден впечаток дека кога се дава збор, не се почитува и никој во светот нема да го почитува тоа, ако ние не го направиме тоа – изјави Јункер.