Нејасно е што тука може „удобно“ да ѝ се понуди на Софија, кога најпедантно (и најудобно) македонското собрание ја донесе Резолуцијата за утврдување на
државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Во таа резолуција, поддржана од сите политички партии во Собранието, јасно се исцртани црвените линии во преговорите со Бугарија, односно дека за македонскиот
идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност не може никој да преговара. Сè друго надвор од оваа рамка претставува еклатантно погазување на македонскиот Устав, на законите, како и на самата резолуција само да ѝ се удоволи на Бугарија
По загадочната изјава на првиот потпретседател на Владата,
која индицира само нетранспарентност
Последните преоптимистички изјави на високи претставници на власта дека до крајот на годинава Македонија би можела да ја отстрани бугарската блокада и да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија индицираат малку нетранспарентни разговори и заклучоци од нив, на билатералата меѓу Скопје и Софија. Тоа, од друга страна, наметнува дилема и стравувања во јавноста дали за да се тргне бугарското вето Македонија, сепак, ќе удоволи на бугарските апсурдни барања?!
Оваа недоумица особено дојде до израз откако првиот вицепремиер Артан Груби остави можност за скоро отстранување на бугарското вето, иако објективно од Софија во моментот не доаѓаат оптимистички сигнали за некакво ретерирање од актуелните тврди позиции во однос на земјава.
– Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и ќе овозможат деблокирање на ветото – порача неодамна Груби.
Токму ваквата изјава го засили сомнежот дека земјава можеби е подготвена на нови отстапки со некакви „удобни“ одговори на бугарските ставови, кои им се добро познати на сите и кои подразбираат откажување од македонскиот јазик, идентитет и историја.
Нејасно е што тука може „удобно“ да ѝ се понуди на Софија, кога најудобната позиција ја понуди македонското собрание кога ја усвои Резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Во таа резолуција, поддржана од сите политички партии во Собранието, јасно се исцртани црвените линии во преговорите со Бугарија, односно дека за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност не може никој да преговара. Сè друго надвор од оваа рамка претставува еклатантно погазување на македонскиот устав, на законите, како и на самата резолуција само да ѝ се удоволи на Бугарија.
Да биде тежината на самата резолуција уште поголема, таа произлезе од МАНУ, највисоката државна научна институција што можеби првпат во поновата историја вистински застана во одбраната на највисоките државни интереси. Колку за потсетување, Бугарија во преговорите со македонската страна постојано потсетува дека таа не може да отстапи од Декларацијата усвоена во бугарското народно собрание и дека тие се црвените линии до кои мораат да се држат.
Она што сега треба да го направи македонската страна е да постапи идентично, односно да се држи до собраниската резолуција, која гарантира заштита на државните и националните интереси. Ако двете страни најдат простор за договор без да излезат од сопствената преговарачка рамка, тогаш тоа можеби ќе биде рецептот за консензус во кој нема да има поразени и по кој сите ќе се чувствуваат удобно.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во наводната удобност, за која говори првиот вицепремиер Груби, препознава вклучување на бугарската рамковна позиција во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.
– Оваа изјава за некаква удобност може да биде во корелација со она што веќе кружи во јавноста, а тоа е вклучување на рамковната позиција на Бугарија во преговарачката рамка.
Станува збор за многу перфидна игра, која подразбира целата бугарска позиција за негирање на македонскиот народ, јазик, историја да се вклучи во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, што фактички би значело дека земјава не би можела да стане членка на Унијата доколку не ја оствари рамковната позиција на Бугарија. Ако е тоа ова „удобно“ решение, тогаш е тоа надвор од паметот – вели Боцевски.
Според него, најкомотна позиција за сите е да се држат до Резолуцијата усвоена во македонското собрание.
– Ако не е така, тогаш не треба да бидат лицемери како со Преспанскиот договор и треба отворено да ѝ кажат на македонската јавност дека нè измамиле и злоупотребиле кога Резолуцијата била изгласана во Собранието, дека немаат намера да ја почитуваат истата таа резолуција и дека имаат намера целосно да го прифатат бугарскиот став, оти нема друг начин на решавање на проблемот – категоричен е Боцевски.