Кога милиони луѓе ги примаат овие вакцини, може да се појават ретки случаи што не биле идентификувани за време на клиничките испитувања, велат официјални лица од Европската агенција за лекови
ВАКЦИНАТА НА „АСТРА ЗЕНЕКА“ СЕ ПОВРЗУВА СО ПОЈАВА НА ТРОМБОЗА
Европската агенција за лекови соопшти дека има 222 случаи на ретко згрутчување на крвта, на 34 милиони возрасни вакцинирани лица со „Астра Зенека“, но во исто време нагласува и дека предностите на вакцината ги надминуваат ризиците. Оттаму велат дека од она што досега го евидентирале, 169 од згрутчувањата на крвта се наоѓаат во мозокот, а 53 се во стомакот. Сите евидентирани случаи имале ретка комбинација на згрутчување на крвта, крвавење и ниско ниво на тромбоцити, а најголемиот дел од коагулацијата е откриен кај жени на возраст под 60 години.
Тромбоцитите лоцирани во мозокот биле форма на коагулација позната како тромбоза на церебрална венска синусна тромбоза (ЦВСТ). Медицинскиот факултет на универзитетот „Џонсон Хопкинс“ проценува дека обично еден на 200.000 луѓе од сите возрасти развива згрутчување на крвта.
Ситуацијата „јасно демонстрира еден предизвик поставен од голема кампањи за вакцинација“, рече Емер Кук, извршен директор на ЕМА. Според него, кога милиони луѓе ги примаат овие вакцини, може да се појават многу ретки случаи што не биле идентификувани за време на клиничките испитувања.
Дека има поврзаност меѓу згрутчување на крвта и „Астра Зенека“ потврди и Марко Кавалери, официјален претставник на ЕМА.
– Сега можеме да кажеме дека јасно постои поврзаност со вакцината. Што ја предизвикува оваа реакција сѐ уште не знаеме. Ќе видиме како доаѓа до тоа – рече Кавалери.
Тој објаснува дека се прават обиди да се дојде до прецизна слика за тоа што се случува, дека треба прецизно да се дефинира што го предизвикува тој синдром поради вакцината.
– Меѓу вакцинираните личности има поголем број случаи на церебрална тромбоза кај младите од она што го очекувавме – рече тој.
Последните недели се појавиле сомнежи на можни сериозни несакани ефекти, но ретки, по што се појавија случаи на атипична тромбоза кај луѓето што биле вакцинирани со „Астра Зенека“.
Инаку, во Велика Британија вкупната инциденца на церебрални тромбози е околу четири случаи на секој еден милион луѓе што примиле вакцина. Пријавениот ризик во Европа е еден на 100.000, според ЕМА.
По прегледот на регулаторот за лекови во Велика Британија, 79 лица развиле церебрална венозна синусна тромбоза до крајот на март. Од тие 79 случаи, починале 19 лица, од кои три биле на возраст под 30 години. Заедничкиот комитет за вакцинација и имунизација на Британија препорачал алтернативна опција за вакцина за лицата на возраст од 18 до 29 години.
ЕМА евидентирала 35 случаи на згрутчување на крвта во мозокот врзани со вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, од околу 54 милиони луѓе вакцинирани.