Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, работната посета на Кралството Шпанија, ја започна на средба со Марија Аурора Мехија, директор за ЕУ и надворешно-политички советник на премиерот, Санчез.
Централна тема на средбата беше европското досие на Македонија, и поддршката на Мадрид за европските интеграции на земјата.
Османи ги претстави последните актуелности поврзани со реформскиот напредок на земјата, со посебен акцент на преземените активности во борбата против корупцијата и организираниот криминал. На маса беа ставени и регионалните односи и соработка меѓу земјите од Западниот Балкан, со посебен фокус на политиките на добрососедство.
Покрај европското досие, соговорниците разговараа и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави, а беше дискутирано и за претседавањето на Македонија со ОБСЕ во текот на 2023 година.
Османи за време на работната посета на Шпанија се сретна и со Зураб Пололикашвили, генерален секретар на Светската туристичка организација, каде централна тема беа последиците од пандемијата врз оваа индустрија, како и проекциите за условите и динамика за нормализацијата во овој сектор.
Во текот на денот, следи централната средба на Османи со неговиот домаќин, министерката за надворешни работи, Европска унија и за соработка на Кралството Шпанија, г-ѓа Аранча Гонзалес Лаја, како и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонес.