Европската комисија потврди дека Македонија и Албанија ги исполниле условите за започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија. Извештајот го потврдува напредокот постигнат од Скопје и Тирана во постигнувањето резултати во клучните области утврдени од Советот на ЕУ.
„Основните препораки за започнување на пристапните преговори остануваат валидни“, се вели во извештајот.
Најновиот извештај за напредокот на Македонија и Албанија е дел од обновената заложба на Европската комисија за продолжување на политиката на проширување на ЕУ.
Извештајот е веќе испратен до земјите-членки, кои треба да одлучат на министерско ниво, а потоа треба да се изјаснат лидерите во март дали ќе почнат преговорите за пристапување во Унијата.
Во моментов, само Србија и Црна Гора се во преговори за членство во ЕУ.
По минатогодишната блокада на започнувањето на разговорите со Скопје и Тирана, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека оваа година ќе го поддржи започнувањето на разговорите за пристапување, доколку извештајот на Европската комисија е позитивен.
„Го чекаме извештајот во март. Во зависност од тоа дали резултатите се позитивни и се воспоставува доверба, ние ќе бидеме во состојба да отвориме преговори“, рече Макрон.
Сè уште не е познато како на извештајот ќе реагираат Холандија и Данска, кои заедно со Франција покажаа резервираност минатата година и не го поддржија започнувањето на преговорите за пристапување.
Министерот за надворешни работи на Холандија, Штеф Блок, на состанокот на Советот на ЕУ во февруари во Брисел рече дека официјален Хаг може да даде зелено светло за Скопје, но дека Албанија има да направи уште многу кога станува збор за исполнување на условите за почеток на преговорите за пристапување.
Европската комисија очекува да се постигне консензус на самитот на лидерите на ЕУ на крајот на март за отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана.
Дипломатски извори шпекулираат дека покрај генералното зелено светло за двете земји, Албанија нема веднаш да добие датум за почеток на преговорите.