Остануваат неколку месеци до јуни кога Европскиот совет треба да донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Во овој период земјата треба да се фокусира на реформските цели и на националното единство. Нема време за губење. Добра вест е што и Владата и опозицијата се согласни дека евроинтеграцијата треба да напредува.

Ова го истакна европратеникот Туне Келам, кој ја предводи седумчлената делегација на Европскиот парламент во посета на земјата за оцена на реформите и подготвеноста за почнување пристапни преговори.
– Северна Македонија и вашите граѓани го заслужуваат почетокот на преговорите со ЕУ. Веќе имате постигнато многу да ги започнете преговорите. Иако во оваа фаза не е јасно дали ќе има едногласна одлука на Европскиот совет, ние работиме на тоа. Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги продолжите реформите. Сега не е време да ги славите успесите што се реално постигнати, туку да се фокусирате на активностите што се од суштинска важност за вашата земја. Нам ни е потребна Северна Македонија како членка на ЕУ – порача Келам, кој е претседател на Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент.

Како многу важни, Келам ги нагласи и претстојните претседателски избори. – Ако изборите се одржат во клима на национално помирување, на правичен и транспарентен начин, тоа ќе биде дополнителен аргумент за да ѝ се даде поддршка на Македонија – рече европратеникот Келам со што се согласи и неговиот колега од Бугарија европратеникот Ќучук.

Според Келам, добра вест е што Владата и опозицијата се подготвени да соработуваат во парламентот и во дијалогот „Жан Моне“, што беше прекинат, но ќе продолжи.

Запрашан за реформите, Келам нагласи дека најважни се судските реформи, како и да се преземе контрола врз корупцијата. Од разговорите во Владата, утврдиле дека работите со реформите се во вистинска насока и оти таа е свесна за приоритетите, кои ги нагласи и укажа ЕК.

Седумчлената делегација на ЕП за време на дводневниот престој во земјата имаше средби во Владата, Собранието, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.