Дипломатите и познавачите на околностите во меѓународните односи тврдат дека европските институции треба да реагираат на непримерни изјави што доаѓаат од европратеник, но додаваат и дека Македонија треба да го издејствува тоа од нив. Препорачуваат и како да се направи тоа

БУГАРСКИ ЕВРОПРАТЕНИК СО СРАМНИ ПРОВОКАЦИИ КОН МАКЕДОНИЈА

Под слоганот „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè“ настапи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во предизборен спот во пресрет на парламентарните избори во Бугарија. Неговиот настап изобилува со мноштво небулози, навреди и отворени закани и провокации кон Македонија, кои се несвојствени за кој било политичар, а камоли од позиција на европратеник.
Но без оглед на ваквиот агресивен речник на човек што треба да ја претставува Европа, засега нема реакција од европските институции, пред сè од Европскиот парламент и ЕУ, но и од НАТО бидејќи се употребува реторика со која се загрозува територијалниот интегритет на земја-членка на Алијансата.
Европа и меѓународната заедница едноставно занемеа пред дрскоста и вулгарноста на Џамбаски. Дали тоа е сигнал дека ваквата негова реторика едноставно не заслужува нивна реакција, немаат што да кажат или не сакаат да се мешаат, засега останува нејасно. Како и да е, во најмала рака е чудно меѓународната заедница да не реагира кога Бугарија, преку својот европратеник, најотворено истакнува територијални претензии кон соседна земја. Таквите закани доаѓаат од устата на европратеник и репрезент на европските вредности.
Досегашната практика во меѓународните односи и дипломатијата е дека секое непримерно однесување не поминало несанкционирано, без разлика дали е тоа вербална нота, усно предупредување, дистанцирање и оградување или некоја друга мерка. За волја на вистината, бугарската влада се огради од предизборното видео на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, оценувајќи го како неумесно. Сепак јавноста очекува реакција и од Европа и од меѓународната заедница, како во редица претходни случаи.

Потврда за двојните критериуми што Европа ги има кон Македонија е и неодамнешната реакција на ЕУ на изјавите на косовскиот премиер Албин Курти, кој изјави дека преговорите со Белград не му се приоритет, на што Брисел експресно реагираше опоменувајќи го косовскиот премиер и потсетувајќи го на претходно договорените принципи за преговори.
Но кога станува збор за Македонија, ЕУ главно молчи. За таквиот нејзин однос има мноштво примери од минатото, почнувајќи од толерирањето на ембаргата и блокадите од Грција, непринципиелниот однос за време на воениот конфликт, неспроведувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, до неисполнување на ветувањата за почеток на преговорите кога ќе се реши спорот со Грција и последното со доцнењето и неиспораката на вакцини.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека европските институции треба да реагираат на непримерни изјави што доаѓаат од европратеник, но додаваат дека и Македонија треба да го издејствува тоа од нив.
– Треба да има реакција. МНР треба да реагира билатерално, додека на ниво на сојузи Министерството за одбрана треба да реагира во НАТО преку постојаниот претставник, додека на ниво на ЕУ треба да се активираат и партиските групи од земјава и да издејствуваат реакција од европските институции. Самите тие нема да реагираат – смета Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.

Тој додава дека ние треба да се пожалиме во европските институции, а тие треба да реагираат бидејќи станува збор за активен член на Европскиот парламент.
Дипломатот од кариера Љупчо Арсовски истакнува дека Европа целата работа ќе ја сведе на ниво на индивидуален инцидент, со објаснување дека тоа не е официјален став на бугарската влада.
– Во овој момент, во предизборниот фолклор на одредени партии во Бугарија се јавуваат екстремни луѓе на официјална Софија, сепак тој е европратеник и него го гласале одреден број бугарски граѓани, па тој ним им покажува и ги задојува со националистички и шовинистички идеи што немаат никаква врска со европското право, со европскиот однос кон историјата, кон народите, кон човекот едноставно. Сметам дека целата оваа работа Европа ќе ја сведе на еден инцидент, како еден лош спомен што го направи европратеник од Бугарија – вели Арсовски.
Според него, Македонија е таа што треба да ги информира европските институции за ваквото однесување на бугарскиот европратеник.

– Што поскоро треба да се извести претседателот на ЕП и да му се соопшти дека еден европратеник истакнува вакви тези, на некој начин да им вратиме за неаргументираните обвинувања за блокадата на книгите на граница. Практично почнува една надземна битка со изјави, протести и слично, што не придонесува да се заврши целиот процес така како што треба, а што го започна бугарската страна и што ние не треба да го прифатиме како начин на однесување, туку да се повикаме на европските стандарди. Тука нема дилема. Во спротивно, во бескрај ќе оди смислувањето на вакви работи – нагласува Арсовски.


Бугарија се огради од настапот на Џамбаски

Бугарската влада се огради од предизборното видео на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, оценувајќи го како неумесно.
– Министерството за надворешни работи (МНР) сака да наведе дека смета дека предметниот материјал е „неумесен“. Нагласуваме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада. Бугарија нема територијални претензии кон другите земји и тоа постојано се декларираше. Забележуваме дека ова видео од бугарски политичар доаѓа по тридневниот молк на Владата на РСМ, која ја повикавме да се огради од клеветничките публикации на словенечката невладина организација „Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии“ – соопшти вчера бугарското МНР, по протестната нота од Македонија до Бугарија поради спорното видео во кое Џамбаски вели дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè“. Претходно Владата соопшти дека нема никаква врска, ниту, пак, активен договор со словенечката невладина организација.