ПРЕСУДАТА НА ХАГ ПРОТИВ ГРЦИЈА ОСТАНА САМО МРТВО СЛОВО НА ХАРТИЈА
Поминаа десет години откако Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја донесе пресудата врз основа на тужбата што Република Македонија ја поднесе против Република Грција за прекршување на членот 11, став 1, од Привремената спогодба потпишана помеѓу двете земји во 1995 година. На 5 декември 2011 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО.
Прашањето на надлежноста беше првата од трите точки за кои судот се произнесе. Во втора точка, судот одлучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото на самитот на НАТО во Букурешт. Судот ги отфрли забелешките на Грција дека најавите за вето во пресрет на самитот во Букурешт не биле директни закани туку само предупредувања до сојузниците.
„Грција не успеа да докаже прекршување на спогодбата од страна на Македонија. Нема докази дека Македонија спонзорирала државна и медиумска пропаганда против Грција“, се наведува во пресудата.
Сите одлуки на судот биле донесени со големо мнозинство. За заклучокот дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото во Букурешт, против гласал само грчкиот ад хок судија во советот, додека другите 15 судии биле „за“.
Македонија поднесе тужба против Грција во ноември 2008 година, неколку месеци откако земјата беше блокирана на самитот на НАТО во Букурешт. Основниот навод за тужбата беше дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995-та со ветото за Македонија.
Грција ја оспоруваше тужбата од два аспекта. Во првата точка, спореше дека Меѓународниот суд на правдата има надлежност да решава за овој случај, а во втората негираше и тврдеше дека во Букурешт пролетта 2008-та немало вето, туку консензус на земјите-членки на НАТО, кои биле солидарни со Грција. Но сите овие аргументи на Грција паднаа во вода и судот ги отфрли, пресудувајќи против Грција и во полза на Македонија
За жал, и по десет години од пресудата против Грција таа остана само мртво слово на хартија. Европската Унија и другите меѓународни организации не најдоа начин да ја спроведат во практика оваа пресуда и на тој начин да покажат дека меѓународното право важи за сите и сите треба да го почитуваат. Дури напротив, и покрај пресудата против Грција поради нејзиното противправно вето, Македонија подоцна, пак, под притисок и уцена од Грција, но и со амин од Европа и меѓународната заедница беше принудена да го смени своето уставно име за да го одблокира својот пат кон НАТО. М.Ј.