Префрлањето на имотот под друго име пред стапувањето на функција, ненавременото поднесување и ажурирање на анкетните листови, непостапувањето на институциите при несоодветен сооднос меѓу пријавените приходи и имотот на функционерите се дел од причините за генерирање висок степен на корупција во земјава. Симптоматично е опстојувањето на овој феномен при постојаното алармирање на Европската комисија, и тоа во писмените извештаи за земјава
Поради зачестени појави на криење на имотот на политичарите избрани на јавни функции
Веќе не е тајна дека голем дел од функционерите пред стапувањето на должност имотот го префрлаат на други лица, а потоа по завршувањето на функцијата си го враќаат на свое име.
Токму функцијата им овозможува на овие луѓе да се стекнат со одредени бенефиции, кои по завршувањето на мандатот ги користат за дополнително зголемување на имотната состојба преку разни бизниси стекнати врз основа на повластената позиција што ја имале во моментот.
Закон за потекло на имотот на секој граѓанин?
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) неодамна побара да се донесе закон за потекло на имотот на секој граѓанин, иако потеклото на имотот може лесно да се следи со помош на другите државни институции, како УЈП и финансиската полиција, кои во секое време можат да утврдат ако има несразмерно зголемување на имотната состојба во однос на приходите на некој функционер и да преземат мерки за спречување на појавата на висока корупција.
Од ДКСК, која треба да препознае и да алармира за ваквите појави, велат дека е потребна законска рамка за да се избегнуваат манипулациите со имотната состојба на функционерите.
– Клучна за контрола и системско решение за надминување на целата состојба во државата со имотот на функционерите е донесувањето закон за потекло на имотот на секој граѓанин, со што ќе се избегне ризикот одредени функционери својот имот да го пријавуваат на туѓо име додека се на функција, а потоа да си го вратат на свое име – вели Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција.
Според неа, ДКСК понатаму нема законска надлежност да ја следи имотната состојба на функционерите.
– Треба Министерството за правда да го иницира ова донесување, да се подготви законот – појаснува Ивановска, притоа додавајќи дека нема ниту истражни центри за детално испитување на потеклото на имотот.
Имаме закон, УЈП, финансиска полиција…
Од друга страна, универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека не е потребен нов закон како што бара ДКСК ако институциите што веќе постојат си ја вршат својата работа.
– Нема потреба од нов закон. Ние имаме закон, според кој, органите треба да водат сметка. Сите пријавуваме данок, имаме финансиска полиција, имаме УЈП, но и други органи, па доколку некоја од овие институции утврди неправилности може да постапи. На пример, ако некој има остварување на приход од 100 илјади евра годишно, а купува куќа од еден милион, и сега во секое време може да му се испита потеклото на парите – вели Давитковски.
Според него, ако се има желба и органите си ја работат работата како што треба, нема потреба од носење нови закони.
– ДКСК нема потреба да инсистира на нов закон. Државните органи треба да реагираат, а ДКСК да биде координатор и да каже кој го зголемил имотот без соодветен приход. Има институции, има прописи и тие треба да си ја работат својата работа, а не ние да измислуваме топла вода – нагласува Давитковски.
Директорот на Управата на финансиската полиција, Арафат Муареми, вели дека тие како институција работат во насока на спречување на појавата на корупција кај функционерите, но дека нивните капацитети се ограничени.
– Секогаш кога се работи за јавните пари постои ризик на корупција. Ние го следиме тоа, особено во делот на јавните набавки. Факт е дека во оваа борба не можеме да дадеме максимални резултати ако се има предвид дека капацитетите на Управата на финансиската полиција не се толку големи колку што е името на оваа институција – појаснува Муареми.
Она што може да се изведе како генерален заклучок е дека манипулациите со имотната состојба на функционерите лесно можат да се утврдат, но останува отворена дилемата дали институциите соодветно постапуваат и дали државата има искрена намера да се справи со корупцијата. Без средства, луѓе и соодветна опрема борбата против високата корупција останува само декларативна заложба на секоја власт како лајтмотив во предизборието, без видливи резултати во реалноста.