Само еден отсто од вработените во ЕУ имаат малцинско потекло, според „Политико“

Борбата против нееднаквостa и дискриминацијата во европските институции е бавна и таа е одраз на често игнорираната структурна дискриминација во земјите на ЕУ, велат политичари и активисти. Факт е дека кај Европејците не е туѓ нивниот историски
ревизионизам за бруталното колонијално минато. Сето тоа во пакет говори дека коренот на дискриминацијата во ЕУ е присутен и втемелен длабоко во минатото…

Пред мајските избори за Европскиот парламент, лидерите и кандидатите за највисоките функции изразија жалење што мал број жени се на високи позиции во ЕУ. Во коридорите на моќ на Брисел недостигаат луѓе со поразлична боја на кожата од белата…

Структурна дискриминација што со децении се игнорира во ЕУ

За Клод Морас, британски член на Европскиот парламент, „огромната белина“ на ЕУ ја одразува често игнорираната структурна дискриминација со која се соочуваат малцинствата низ цела Европа. На пример, досега само белци биле назначувани за еврокомесари во ЕУ.
Како претседавач на парламентарната комисија за граѓански слободи, Морас ја надгледуваше иницијативата за справување со таквата нееднаквост, нудејќи предлог за решавање на дискриминацијата против Европејците со африканско потекло. Во март, европратениците ја усвоија резолуцијата, која ги повикува институциите на ЕУ и земјите-членки активно да се борат против разните форми на структурна дискриминација и расизам против Европејците од африканско потекло.
Морас смета дека резолуцијата е позитивен чекор „да ги натера луѓето да размислуваат“, но истакна дека треба уште многу да се направи за да им се обезбеди еднаков третман на етничките малцинства. Сепак, во парламент со поголем број десничарски европарламентарци, тој стравува дека борбата против дискриминацијата ќе стане уште поголема.
Британскиот член на Европскиот парламент Клод Морас, истакна и дека структурната дискриминација влијае врз цела генерација граѓани на ЕУ, истакнувајќи дека „многу етнички малцинства во Европа се во својата трета, четврта, петта генерација во повоениот период“, а сепак тие често се сведуваат на „нивното потекло, нивната раса“. Но тие се Европејци, па тоа е голем проблем, нагласува тој.

Европејци од прв, од втор, од трет ред…

Во ЕУ живеат околу 15 милиони Европејци со африканско потекло. Вкупниот број граѓани од етнички малцинства во ЕУ е непознат, бидејќи земјите-членки имаат различни дефиниции, а ЕУ и многу од нејзините земји не прибираат податоци за етничката припадност. Според некои процени, станува збор за 50 милиони жители или десет отсто од вкупното население.
Сепак, институциите на ЕУ се главно бели. Само околу еден отсто од лицата директно вработени од институциите на ЕУ се припадници на малцинства, според процените на оние што работат на расна и верска различност.
Во составот на Европскиот парламент од 2014 до 2019 година, само 17 од вкупно 751 пратеник или околу два отсто беа луѓе со поинаква боја на кожата од белата. Морас стравуваше дека тој број ќе биде уште помал по изборите, изразувајќи загриженост дека ЕУ се враќа назад во застапеноста на малцинствата. Но новиот парламент бележи мало подобрување: овој пат има 30 пратеници, според неодамнешниот извештај на Европската мрежа против расизмот. Шест други места заминаа во рацете на националните малцински групи, како етничките Унгарци во Романија. Но тој број е далеку од претставителен и тој ќе се влоши откако Британија ќе го напушти блокот. По брегзит, бројот на пратеници ќе се сведе на 24 или само три отсто од вкупниот број. Сите пратеници од јужноазиско потекло се од Британија и се подготвуваат да заминат, исто како и Морас, кој беше реизбран како европратеник.

Коренот на дискриминацијата е длабоко во минатото

Сесил Киенге, која работеше на резолуцијата заедно со Морас, како европратеничка од италијанската Демократска партија, смета дека клучот за борбата против дискриминацијата против етничките малцинства, а особено Афроевропејците, е Европа да копа длабоко во минатото.
– Ако сакаме да се справиме со проблемите со расизмот против лицата со африканско потекло денес, тогаш мораме да го разбереме потеклото на овој расизам – вели Киенге, која беше единствената црна европратеничка во парламентот од 2014 до 2019 година.
Тоа, според неа, значи дека Европа мора „да преземе одговорност за својата историја на колонијализам и улогата во трансатлантската трговија со робови“.
– Додека не добиеме соодветна правда, никогаш нема да можеме да го победиме расизмот против лицата со африканско потекло – заклучува таа. П.Р.

Италијанката Сесил Киенге гласа во Европскиот парламент, во кој дури 98 отсто од пратениците се белци

Историски ревизионизам за бруталното колонијално минато

Една четвртина од белгиските матуранти не знаат дека Конго било белгиска колонија, според податоците на работна група на ОН. Се ревидираат историските факти во образованието. Истата група оценува дека расистичката дискриминација е „ендемска“ во белгиските институции и дека широко распространетото незнаење за минатото на Белгија како колонијална сила е главна причина.
– Корените на актуелните повреди на човековите права лежат во недостигот од признавање на вистинскиот опсег на насилство и неправда на колонизацијата – се вели во извештајот на групата.
Белгија вложува напори да го поправи тоа во последниве години, на пример, со реновирање на Музејот на Африка близу Брисел. Музејот, долго критикуван поради игнорирање на бруталната природа на белгиското колонијално минато, беше модернизиран и повторно отворен лани во декември. Сега се обидува да покаже критички поглед кон колонијализмот и кон современата африканска уметност. Но за многу афробелгиски активисти и за работната група на ОН, реновирањето на музејот е пример за срамежливиот пристап на Белгија во борбата против дискриминацијата и нејзините корени. Експертите на ОН оценуваат дека реорганизацијата не отишла „доволно далеку“, а активистите сметаат дека напорите за деколонизација на колекцијата се недоволни, бидејќи таа содржи артефакти украдени од Африка за време на колонијализмот. Голем број Белгијци со африканско потекло го бојкотираа повторното отворање на музејот, а една група организираше настан „Не е мој музејот на Африка“.


Училишните програми да бидат огледало на историската вистина

Европскиот парламент во својата резолуција ги повика земјите-членки на ЕУ да се справат со недостигот од свест преку вклучување на историјата на Европејците со африканско потекло и на „сеопфатната перспектива“ за колонијализмот и ропството во училишните наставни програми. Исто така, побара од владите да развијат соодветни стратегии за решавање на овие прашања, вклучувајќи ги политиката, образованието, науката, медиумите.
– Верувам во мотото на ЕУ „Обединети во различностите“. Ова е континент што може да ги надмине различностите и да ги претвори во свои јаки страни. Ќе биде потребно време, но нашите институции ќе станат порепрезентативни, а потоа навистина можеме да почнеме да ги решаваме проблемите околу расизмот, дискриминацијата и нетолеранцијата – вели Сесил Киенге од Италија, доскорешна европратеничка, која не беше реизбрана.