Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес во Брисел учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој претставува подготвителен состанок пред декемврискиот НАТО-самит во Лондон.
На состанокот Димитров ги претставил позициите на Македонија по однос на актуелните прашања за единството и безбедноста на трансатлантската заедница.
-Димитров ја акцентира посветеноста на нашата држава на темите од клучно значење за алијансата: праведна распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, концептите на НАТО за одвраќање и одбрана и за проектирање стабилност, контрибуција во меѓународните операции, справување со неконвенционалните безбедносни закани и др. – соопштија од МНР.
Тој изразил задоволство од динамиката и брзината со која се одвиваат националните процедури за ратификација на пристапниот протокол за членство во НАТО, со што, како што рекол, се исполнуваат заедничките очекувања на нашата земја и на сојузниците дека набргу и формално ќе станеме членка на алијансата.
Димитров истакнал дека Македонија и како идна земја членка на НАТО ќе продолжи со напорите за развивање на националните капацитети во склад со заедничките способности на НАТО и на линија на политиките и потребите на алијансата.
Како што соопштија од МНР, Димитров имал средба со грчкиот колега Никос Дендијас, на која станало збор за подготовка и координација на активностите поврзани со претстојната посета на Дендијас на Скопје следната недела.