Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес престојува во Србија, на покана на неговиот домаќин, потпретседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
– На состанокот кажав дека имаме среќа што блискоста, врските и пријателството меѓу нашите два народи, меѓу српскиот народ и македонскиот народ е толку цврсто што повремените најдобри напори на политиката не успеваат да му направат никаква штета на тоа пријателство. Колку повеќе работиме, а мислам дека мене како МНР тоа и ми е работата, и за прашања за кои што немаме целосно исти ставови, имаме некои недоразбирања, важно е да бидеме блиски, да се гледаме, да комуницираме и да го зацврстиме тоа пријателство – кажал Димитров, соопшти МНР.
На средбата соговорниците ги реафирмирале заемните заложби за одржување континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.
Споделени биле искуствата во борбата со пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19, информации за епидемиолошкатите состојби во двете земји, планирани активности за натамошно ублажување на рестриктивните мерки согласно епидемиолошките препораки и можностите за нормализирање на режимот за движење меѓу двете земји.
– Во тој контекст, беше нагласена одличната досегашна соработка меѓу двете држави, како и на оперативно ниво меѓу кризните штабови на Министерствата за надворешни работи, што придонесе за репатријација и олеснето движење на граѓаните на двете земји, што резултираше со Одлука на Владата на Србија да ги отвори границите за непречен проток кон Северна Македонија – се наведува во соопштението.
Министрите се согласиле дека континуираната конструктивна соработка во сите области од заемен интерес меѓу двете пријателски држави треба да продолжи, како и да се продлабочи во економската сфера, со можност за заеднички настап на македонските и српски компании на трети пазари.
Со посебно внимание биле разгледани темите од регионалната соработка, кои значително влијаат на безбедноста и просперитетот на нашиот регион, како во однос на евроинтегративните процеси, така и за справување со глобалните предизвици кои сите заедно нè засегаат.
– Министрите се согласија дека во пресрет на претстојните потребни значајни одлуки во Регионот, се очекуваат и подеднакво значајни чекори и одлуки од Европската Унија во процесот на интеграцијата на двете држави, но и за другите земји во регионот. Во тој контекст, беше заклучено дека е потребно да се засили меѓусебното координирање, како и иницијативите кои ја нагласуваат регионалната соработка како заедничка сопственост, и со тоа одлучноста на Регионот за забрзано придвижување кон Европската унија – соопшти МНР.