Димитар Ковачевски е нов претседател на СДСМ, објави на вечерашната прес-конференција Централната изборна комисија на партијата.
Претседателката на комисијата, Викторија Мадиќ, соопшти дека се обработени сто отсто од пристигнатите податоци од општинските изборни комисии. Димитар Ковачевски кој на гласачкото ливче беше под реден број еден освоил најмногу, 37 649 гласа.
За Јован Деспотовски гласале 3.319 членови на СДСМ, а за Фроснина Ременски 2.836. Неважечки биле 602 ливчиња. Зад Ковачевски застана досегашниот партиски лидер и премиер Зоран Заев, како и најголем дел од партиското раководство.
Новиот лидер на СДСМ се осврна и на својата прогама „Заедно, одговорно и посветено“ која, како што потенцира, има три клучни принципи.
-Мора да го вратиме единството во партијата, мора да ги продолжиме социјалдемократски вредности и врз основа на нив да ги градиме државните политики, а за тоа ќе ни требаат најдобрите луѓе. Мора и да се даде фер шанса на сите што имаат професионален капацитет – да ја отвориме партијата за нови кадри и во државата и надвор од неа кои ќе донесат нов менталитет во управувањето и во партијата и во инстутициите. Да работиме со здружени сили, нашата земја да биде водена од социјалдемократските принципи, истакна Ковачевски.