Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето ќе трае до 19 часот. Отворени се и гласачките места во дипломатско-конзуларните претставништва во странство и до овој момент гласањето тече без проблеми, информираше на пладневната прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисија Љупка Гугучевска.
– Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 1.859 гласачи. До ДИК беа доставени десет приговори од гласачи кои се пријавиле како болни или немоќни до општинските изборни комисии, но нивните пријави не биле прифатени. Од нив, ДИК прифати осум, а одби два приговори, изјави Гугучевска.
До овој момент до ДИК се доставени два приговора за заштита на личното избирачко право кои се одбиени.
– Приговорите се од гласачи кои не биле запишани во изводите од избирачкиот список и одбиени се затоа што на едниот гласач му е поништено живеалиштето од МВР, а другиот немал важечки документ за лична идентификација, изјави Гугучевска.
Нагласи дека немаат никакви пријави за проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали.
На новинарско прашање како тече гласањето во дијаспората и наводи за притисоци пред гласачко место во Австралија, Гугучевска рече дека се во постојана комуникација со гласачките одбори кои го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва.
– По принципот на екстериторијалност, надлежностите се внатре во гласачкото место и ние можеме официјално да зборуваме за тие податоци. Во текот на денот, кога ќе имаме официјални информации, секако ќе информираме, рече Гугучевска.
Потсети дека гласањето се врши со заокружување на само еден од понудените одговори со хемиско пенкало во сина боја. Следната прес-конференција на ДИК е во 19.30 часот.
Со право на глас на референдумот на државно ниво во избирачкиот список се запишани вкупно 1.806.336 гласачи. Во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, своето гласачко право може да го остварат 2.694 гласачи кои се пријавиле, додека во 13 казнено-поправни установи пријавени за гласање се 1.558 гласачи. Седум гласачи, кои се водат како внатрешно раселени, ќе можат во текот на денешниот ден своето гласачко право да го остварат во единствениот Центар за внатрешно раселени лица.
ДИК има издадено акредитации за набљудување на 11.907 домашни и 493 странски набљудувачки, 194 преведувачи и 83 странски новинари.