Државната изборна комисија (ДИК) побара од државниот врв да ја преиспита одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Од ДИК истакнуваат дека во изборниот процес се вклучени многу луѓе кои треба да комуницираат меѓусебно, меѓу кои членови на избирачките одбори, членовите во ОИК и административно техничкиот и логистички персонал.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски потенцираше дека треба да се донесе одлука со ладна глава, бидејќи сега на прво мест е здравјето на граѓаните. Тој рече дека е редуциран бројот на активностите на ДИК и се прават сите напори голем дел од обврските да се завршуваат по електронски пат, но во нивните простории понекогаш поради организација на изборите се собирале по 200 до 300 луѓе дневно.
Во текот на утрешниот ден ќе се одржи состанок на Советот за безбедност кај претседателот, Стево Пендаровски, во врска со ширењето на коронавирусот. Деркоски појасни дека тие немаат претставник во Советот за безбедност, па затоа ја користат седницата за јавно да ги кажат своите ставови.