Државниот завод за статистика (ДЗС) продолжува со активностите околу организацијата на пописот, без оглед што Владата донесе одлука од 16 август да воведе рестриктивни мерки за невакцинираните лица токму за да се спречи ширење на вирусот, па сега се наметнува дилемата дали истите тие невакцинирани лица ќе воведат рестриктивни мерки кон државата и нема да пуштаат попишувачи дома поради страв за своето здравје
Подготовките за најголемата статистичка операција во полн ек
Забрзаното ширење на новиот делта-сој на коронавирусот последниве денови повторно го доведува под знак прашалник одржувањето на пописот на населението и домаќинствата, чиј почеток е најавен за 5 септември.
Токму спречување на ширењето на коронавирусот и стравот на населението од зараза беа главните причини да се одложи оваа операција, која првично беше закажана за април, но се помести на 5 септември. По релативно епидемиолошки стабилните јуни и јули, но и по вакцинацијата на дел од населението, сите очекувања беа дека земјава конечно ќе добие податоци за бројот на населението, но од почетокот на август повторно се бележи рапиден раст на дневно ниво на бројот на новозаразени со новиот делта-сој, така што старите грижи за безбедноста на граѓаните одново се враќаат.
Под знак прашалник е и условот за вакцинирани попишувачи, бидејќи без оглед што нема ниту време тие да бидат вакцинирани со две дози и да стекнат имунитет, најновите медицински истражувања покажаа дека вакцинираните исто така се заразуваат со делта-сојот и слободно го шират, така што ова ќе биде повторно аргумент за некои од граѓаните што се плашат да примат попишувачи во својот дом.
Дополнителен проблем е што овој сој е многу позаразен, па ако за првичниот сој беа потребни повеќе од 15 минути престој во затворен простор за да дојде до зараза, за делта-сојот временскиот интервал е две-три минути. За толку кратко време ниту еден попишувач не може да го пополни анкетниот прашалник.
Во меѓувреме, ДЗС продолжува со активностите околу организацијата на пописот, без оглед што Владата донесе одлука од 16 август да воведе рестриктивни мерки за невакцинираните лица токму за да се спречи ширење на вирусот, па сега се наметнува дилемата дали истите тие невакцинирани лица ќе возвратат со рестриктивни мерки кон државата и нема да пуштаат попишувачи дома поради страв за своето здравје.
Од сегашна перспектива, сите работи околу пописот изгледаат доста контрадикторно, бидејќи од една страна државата воведува рестриктивни мерки да спречи ширење на вирусот, од друга страна се најавува масовна операција во која попишувачи ќе посетуваат илјадници домови низ државата, изложувајќи се и самите, но и другите на потенцијална зараза.
– Лично сметам дека одложување на пописот, од интересот што го покажуваат Владата и институциите, нема да има и заложбата ќе биде пописот, во согласност со законот, да се спроведе. Стравувањата на граѓаните беа дека невакцинираните попишувачи можат да ја шират заразата и затоа беа мерките од типот дека попишувањето може да се прави во двор, пред врата, пред зграда и слично. Сега, со појавата на новиот делта-сој, тоа едноставно не важи, бидејќи катадневно се зголемуваат бројките на новозаразени, а згора на тоа, овој сој многу полесно се шири – вели Дончо Герасимовски, поранешен прв човек на Државниот завод за статистика и добар познавач на пописните состојби.
Според него, доколку делта-сојот продолжи да се шири и во следниот период, здравствените служби се тие што треба да дадат препорака до Владата дали ќе дојде до ново одложување на пописот.
– Мерките се тука, исто така и упатствата, но штом се носат нови рестриктивни мерки, тогаш е прашање каков ќе биде одзивот и кај граѓаните. И досега се бараше попишувачите да бидат вакцинирани, иако директорот на ДЗС рече дека тоа не може да биде услов за нивно ангажирање, но сето тоа го става во ризик прифаќањето на попишувачите во домаќинствата. Како што сега ќе се ангажира редар во кафеана да провери дали гостинот има сертификат, така граѓаните можеби ќе побараат од попишувачот да им покаже сертификат дали е вакциниран – нагласува Герасимовски.
Тој додава дека ситуацијата ќе се следи и дека во услови на носење нови мерки неизвесно е одржувањето на самиот попис.
– Во услови на носење мерки и построги мерки, сепак прашање е како би се одвивал пописот. Тоа ќе го отвори прашањето и како ќе се одвиваат локалните избори ако вирусот земе замав во септември и октомври, така што тоа е отворен проблем за кој здравствените служби ќе треба да се изјаснат на крајот – заклучува Герасимовски.
Микробиологот Никола Пановски вели дека и вакцинираните со две дози продолжуваат да го шират вирусот, што на некој начин е потврда на констатацијата дека и попишувачите, дури и да се вакцинирани со две дози, би можеле да го шират вирусот, но и самите да се заразуваат при посетите на домовите на граѓаните.
– Има луѓе што биле вакцинирани со две дози „Фајзер“, па повторно заболеле. Покрај тоа, истражувањата покажаа дека и вакцинираните го шират вирусот – истакнува Пановски.
Според него, сега најважно е да се заштитат хроничните болни и оние што од здравствени причини не смеат да се вакцинираат.
– Ако се некаде по селата, не е страшно, но ако се во градовите, тие се изложени. Ним болеста ќе им ја донесе некој дома, колку и да се чуваат – смета Пановски.
Останува во наредниот период да се следи состојбата со епидемиолошката крива, бидејќи ако продолжи трендот на зголемување на бројот на новозаразени, тогаш повеќе од извесно е и дека ќе се зголеми стравот меѓу луѓето да примаат попишувачи во своите домови. Колку повеќе затворени врати, толку повеќе неверодостојни податоци за реалната статистичка состојба во земјава, но и уште повеќе залудно потрошени пари.