Резултатите од референдумот во Македонија се потполно неодредени, што ги наведе двете страни да прогласат победа, пишува „Њујорк тајмс“.
Од оние што гласаа, 91 отсто беа за промена на името, според Државната изборна комисија, по 95 отсто од обработените гласови. Но само 36,5 отсто од гласачите излегоа на референдумот, а со толку мала излезеност, добивањето на потребната поддршка од Собранието би можело да биде тешко. Бидејќи малку луѓе гласаа, опозицијата тврди дека мерката пропадна. Опозицијата е против промена на името, со што тврди дека таа би можела да обезбеди подобар договор со Грција.
Излезеноста претставува чекор назад за македонската влада и за западните лидери, и покрај тоа што владејачката партија е убедена дека може да собере доволен број на гласови во парламентот за промена на името. За да ја одобри промената на името, македонскиот парлемент треба да изгласа уставни промени. Премиерот Зоран Заев најави оти ќе бара предвремени избори, најрано во ноември, доколку опозициските партии не ги поддржат уставните промени. На договорот му е потребно и одобрување од грчкиот парламент, кој треба да реши дали ќе ја прекине блокадата на соседите за придружување на НАТО.
Западните лидери истакнуваат дека Русија долго време се противеше на проширувањето на НАТО и работеше на продлабочување на поделбата во Македонија, преку кампањи за дезинформирање во пресрет на референдумот, пишува „Њујорк тајмс“. Како одговор, значајни политичари од Западот ја посетија Македонија во обид да ги убедат гласачите да се изјаснат во полза на промената на името.
Во февруари, додека траеја преговорите помеѓу двете држави, десетици илјади Грци протестираа пред парламентот во Атина. Протестите во Македонија беа од помал обем, но не и со помала жестина. Стотици Македонци излегоа на улиците на Скопје за да го изразат незадоволството откако договорот беше потпишан во јуни.
Кога Заев стана премиер во мај 2017 година, еден од неговите први чекори беше да го направи зближувањето со Грција врвен приоритет. Тој ги запре градежните проекти на претходната влада и ги смени имињата на аеродромот и на автопатот. Заев порача во интервју оти надворешната политика на претходната влада ја оставила државата изолирана. Затоа и прашањето на референдумот беше формулирано со членството во ЕУ и во НАТО преку прифаќање на договорот со Грција.