Сѐ уште не се објавува апсолутната бројка или, пак, барем изразена во
проценти, колку од новозаразените лица претходно биле вакцинирани или
прележале ковид-19. Втората спомената категорија лица, односно прележани
лица што имаат антитела, се исто така исклучително важни. Тие немаат некој здравствен сертификат што е валиден за здравствените власти. Со тоа, ним им се ограничува едно од основните демократски права во едно општество,
а тоа е правото на слободно движење. За да се избегнат колизијата на здравствените мерки и ускратувањето на одредени човекови права на граѓаните, експертите сметаат дека треба да се прошири дијапазонот на релевантните здравствени легитимации, со што би се направил подобар баланс меѓу здравствените приоритети на јавното здравје, од една страна, и правата на граѓаните, од друга страна…
Државата ќе добие веродостојни податоци доколку воведе поширок дијапазон за здравствено легитимирање на граѓаните
Од 16 август се воведе задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучувајќи и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Ова е главната мерка што предизвика полемики со многу дилеми во јавноста. Гласни се и негодувањата, па дури и обвинувања за дискриминација, особено на прележани лица што имаат антитела, но заради мерките, некои права им се неосновано ограничени, како на пример онаа за слобода на движење, па тие не можат да одат во ресторан.
– Четврти бран е и никој не објавува во проценти колку од новозаразените лица претходно биле вакцинирани или прележале ковид-19. Второто е особено важно за мене бидејќи јас, на пример, сѐ уште имам антитела по девет месеци откако прележав, а не можам да одам во ресторани. Според моја процена, како и според мислењето на исклучително голем број мои сограѓани, како и од социјалните мрежи, бројката се движи и до 600 илјади граѓани како мене, кои се дискриминирани – вели скопјанецот Владимир Талевски.
Во врска со ова, поразговаравме со професорите Драган Даниловски и Никола Пановски. Даниловски вели дека прележаните имаат повисоко ниво на заштита од вакцинираните само со една доза. Ако им се даде само една доза „Фајзер“, добиваат повисоко ниво на заштита од непрележаните вакцинирани со две дози. Според него, треба да се бараат потврди за антитела или негативни брзи антигенски тестови, а не потврди за примена една доза.
– Во официјалните соопштенија за дневните бројки на заразени, крајно време е да се соопштува колку се вакцинирани (со една и две дози) и прележани, а колку се невакцинирани. Има и нешто друго. Ако потврдите се замислени со нив да се направи притисок за вакцинирање, тоа веќе нема смисла. Зошто? Затоа што сега и да се вакцинираат поголем број, полната заштита со „Синовак“ ќе ја добијат по девет недели (три недели меѓу двете дози, плус шест недели по втората доза – додека почнат да се формираат антитела). Значи, тоа сега не е приоритет. Целисходно може да биде барање негативен антигенски (брз) тест за – вакцинирани, невакцинирани и прележани. Зошто? Бидејќи концентрацијата на вирусот е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на антигенските брзи тестови – вели професорот.
Според него, може да се бара потврда со број на антитела, независно дали се работи за прележани или за вакцинирани со една или две дози.
– Зошто? Затоа што многумина што формално имаат потврда дека се вакцинирани со две дози, може да се случи да имаат нула антитела. И со потврдата ќе одат на свадба, во кафеана и ќе го шират вирусот подмолно – додава тој.
Неговиот колега, професорот Пановски, вели дека упорно не се објавува колку од прележаните повторно се инфицирани.
– Тие се најмалку 10 пати поретки од вакцинираните, затоа не објавуваат. Признаваат само вакцини, ги тераат прележаните да се вакцинираат со две дози, едноставно не признаваат природно стекнат имунитет, кој испадна посолиден и подолготраен од вештачкиот. Како да се платени од производителите на вакцини. Поопасни од антиваксерите се вакциналните фанатици, тие ги хранат антиваксерите – смета проф. Пановски.
Филипче: Со бројки се докажува ефикасноста на вакцините
Битно е да се вакцинираат граѓаните, тоа го покажува и бројот на новодијагностицирани случаи. Од нив, само мал процент се вакцинирани, исто е и со бројот на хоспитализирани, кои се во мошне стабилна здравствена состојба, изјави во телевизиско гостување министерот за здравство Венко Филипче.
– Најбитно од сѐ, за 20 пати е намален ризикот од смртен исход доколку се зарази некој што е целосно вакциниран. Тие принципи се наметнуваат во целиот свет. Сите сме свесни дека тоа е единствениот начин да излеземе од пандемијата, да го вратиме назад животот. Гледаме во некои земји каде што е поголем опфатот на вакцинација има и масовни собирања, иако има зголемен број на новодијагностицирани случаи, Велика Британија на пример, нема оптоварување на болниците – рече Филипче.
Министерот објасни дека кај нас имаме една специфична ситуација, односно оптоварени се болниците во градовите каде што има мал процент на вакцинирани граѓани, како Тетово, Гостивар, Куманово каде што процентот на вакцинирани граѓани е до 23 отсто од вкупниот број на населението таму.
– Во градовите каде што вакцинацијата на населението достига и над 48 отсто до 50 отсто, како Битола, Штип, Охрид, во болниците нема таков притисок, што значи дека има и докази дека вакцините даваат резултати – истакна Филипче