Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само затоа што сакаме да бидеме дел од европското семејство:

Официјална Софија иако свесна дека нејзините аргументи за ветото не се докрај јасни и прифатливи за европските сојузници, во ЕУ останува категорична во намерата да ги наметне и забетонира своите ставови и барања за Македонија, како дел од преговарачката рамка.

Софија до Брисел: Македонија сѐ уште не ги исполнува
критериумите за првата меѓувладина конференција

На состанок на Советот за општи работи на ЕУ, изминатава седмица, постојаниот претставник на Бугарија, Румен Александров, ја потврдил блокадата за почеток на македонските евроинтеграции, при што оценил дека Македонија сѐ уште не ги исполнува критериумите за првата меѓувладина конференција. Тој додал дека во последните месеци Бугарија понудила голем број опции за надминување на отворените прашања, како гаранции за правата на лицата со бугарски идентитет, и дека Македонија мора да преземе конкретни обврски, од кои некои ќе бидат исполнети на краток рок, а преостанатите во делот на идната преговарачка рамка.
Во контекст на потврдување на вето-позицијата се и изјавите на привремениот бугарски премиер Стефан Јанев, кој вели дека „Бугарија нема да отстапи од ставот за Република Северна Македонија, бидејќи се работи за бугарски национални интереси, како и за основните европски правила за правата на граѓаните на ЕУ“. Тој открива и дека „во моментов, преодната влада прави напори да им ја објасни бугарската позиција на нашите европски партнери, бидејќи досега не е доволно добро објаснето“. Според него, европските партнери во Брисел веќе давале позитивни сигнали и само требало повеќе време за да ја разберат тезата за Бугарија.

Македонија анемична во своите објаснувања, немаше системски пристап за објаснување на вистината

Упорноста на бугарската политика и дипломатија, плус максималното користење на својата позиција како членка на ЕУ, резултира со ефективна опструкција на македонските евроинтеграции. Таа изнуди отстапки на ЕУ, дури и со неодржливи и нејасни аргументи (често еднострано презентирани, што наведува на сомнежи за криење и фалсификување историски факти), и даваше експликации спротивни на меѓународното право и европските вредности. А Европа еднострано ги прифаќаше?!
Но големата слика откри и наши слабости во експликациите и аргументирањето на фактите и вистината. Имено, беше присутна една неорганизираност, анемичност, несистемски приод, безенергичност и немање план како вистината и правдината најбрзо и најефикасно ќе допрат до сите засегнати страни и правдољубивата светска јавност и меѓународните институции и влијателни држави. Силен е впечатокот дека македонската страна недоволно и несоодветно пред ЕУ ги презентира своите аргументи за неодржливоста на барањата и условите што ѝ ги поставува Бугарија. Професорката по меѓународни преговори и медијација Ида Мантон смета дека македонската страна не смее да продолжи да очекува ЕУ да ѝ го реши спорот, туку треба сами да ги истражиме и испробаме сите механизми на Унијата за презентирање на нашите аргументи.
– Можеби Бугарија заборава, но да не заборавиме и ние дека Македонија, уште во рамките на Југославија, беше активен учесник во преговорите и за Декларацијата (1942) и Повелбата на ОН (1945), Хелсинки (1975), кои се донесоа како одговор на злосторствата на Втората светска војна, во која Бугарија беше на погрешната страна. Додека „Заедничката агенда“ на ООН повикува на обновени заложби за солидарност, инклузивна и вмрежена мултилатерала, Бугарија од нас бара да се враќаме назад во времето за да може тие да си ја исправи сопствената историја, за што ние ѝ требаме како нем сведок што ќе се согласи со тој деструктивен и извитоперен светоглед само затоа што сакаме да бидеме дел од европското семејство. ЕУ не смее да дозволи да влеземе на овој начин. Ни ние, ни ниедна друга земја. Но ние не смееме да продолжиме да очекуваме ЕУ да ни го реши спорот. Ние сме тие што треба да ги испитаме и испробаме сите механизми, да изградиме тим во МНР што ќе ги идентификува сите стручни соработници што ќе им бидат на располагање и непрекинато ќе ги обучуваме сите вклучени во преговарачкиот процес на сите теми што им се неопходни за беспрекорно да ја завршат оваа задача. Наместо како што бара Плевнелиев да не лобираме, јас мислам дека неуморно треба да бараме начини и форуми, институции и добронамерници што ќе помогнат да се реши спорот по постојните меѓународни стандарди. И двете страни укажаа на потребата од конструктивен дијалог, во кој ќе се потврдат веќе договорените мултилатерални стандарди (јас би додала и кои треба да се имплементираат од двете страни), па можеби улогата на меѓународните организации по барање на ЕУ треба да биде отворање дијалог што ќе се темели на нормативна рамка, подготвителна фаза во која ќе се процени што ќе се преговара, а што е веќе обврзувачко и за Македонија и за Бугарија. Многу од овие теми ние како држави сме ги апсолвирале, ама изгледа политичарите не ни се во тек со меѓународните стандарди, што е жално, бидејќи тие имаат обврска да ги преточат во национална легислатива и да ги стават во секојдневна употреба – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.

Неодржливо е врз основа на бугарските невистини да градиме реални односи

Иако во текот на едногодишниот вето-период Бугарија делумно го измести фокусот на своите услови, од целосно анахрони (и неразбирливи за преостанатите земји-членки на ЕУ) национално-историски побарувања за отстапки од Македонија, кон „посовремен пристап“, за наводна заштита на човековите права на некои „македонски граѓани со бугарска самосвест“, сепак суштински не се поместува од позицијата на уценување Македонија и Македонците да „признаат дека се бугарски дериват“.
– Проблемот е на друга страна! И во однос на тој наш билатерален проблем со Бугарија, погрешно е да се очекува нешто како возврат за секој наш пријателски гест. Кога Бугарија требаше да влезе во ЕУ, во 1999 година потпишавме Заедничка декларација за добрососедство, со која на некој начин потврдивме дека таа, тогаш како земја-кандидат за ЕУ, нема проблеми во односите со соседите. Но сега, пред почетокот на нашите, македонски преговори со ЕУ, од бугарска страна се возвраќа со новопојавен проблем, наметнувајќи услови што не можат да се исполнат. Погрешно е да се очекува Бугарија да се откаже од своите долго време потиснувани национално-историски аспирации спрема Македонија. По потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, Бугарија почувствува дека има право и таа да бара отстапки од Македонија во тој национално-историски контекст. Тоа е веќе наметнување на рационално политички проблем со услови што не можат да се исполнат, а не е одраз на реалните текови (економска соработка, хумана солидарност…). Едноставно, неодржливо е врз основа на невистини да градиме реални односи – вели историчарката Наташа Котлар.


Македонска „Бела книга“ за спорот со Бугарија

Бугарија, иако најмногу се потпира на својата позиција како земја-членка на ЕУ, во настојувањата да го аргументира своето вето за Македонија пред сојузниците во Унијата, ги користи сите расположливи „алтернативни методи“: од рамковни позиции, преку објаснувачки меморандуми до „бели книги“. За таа цел, годинава беше објавена „Бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“, како приватна иницијатива, во која се наведени примери „за кражба на бугарската историја, за уништување на бугарските споменици и за репресија врз Македонците што се сметаат себеси за Бугари“. Таквата пропаганда речиси ѝ наметнува на македонската страна потреба од подготвување едно фактографско досие со историски, лингвистички, научни и статистички потврдени аргументи, за автентичноста и посебноста на Македонија и на македонскиот народ. Дури и во политичките и научните кругови во ЕУ да им е позната вистината за Македонија и Македонците, македонската држава во своите евроинтеграции треба постојано да ја афирмира својата релевантност како рамноправен политички и државен субјект во рамките на Унијата, поткрепено со аргументи, наспроти пропаганди втемелени на политички калкулации и историски фалсификати.