Во денешнава колумна ќе проговорам за македонскиот идентитет пред и по Преспанскиот договор (во понатамошниот текст, ПД). Различните ставови за ПД, според кои, за еден дел од нив, ПД го брише македонскиот идентитет, а за друг дел, конечно, го гарантира македонскиот идентитет, секојдневно ја поттикнуваат јавноста да се запрашува што од ова е точно.
Меѓутоа, покрај актуелноста и егзистенцијалната важност на ова прашање, дополнително, следнава изјава ме поттикна да ја напишам оваа колумна: „Пред Преспанскиот договор, за целиот свет сме биле ФИРОМ, а денес сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски јазик. Јас сум го потпишал тој Договор, сум го преговарал тој Договор и апсолутно целосно ги гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема кога се употребува на Северна Македонија, а кога македонско, Македонец, Македонка и така натаму.“
На самиот почеток би сакал да напоменам дека веќе подолго време пишувам размисли за ПД, врз основа на аргументираните факти на соодветните експерти, но не и врз негова конкретна анализа. Поради тоа, во преостанатиот дел од текстот ќе се обидам да понудам анализа само на еден член од ПД, членот 7, што е доволен извор да обезбеди објективен одговор на прашањето поставено во насловот на оваа колумна.
Во врска со општоприфатеноста на македонскиот идентитет пред и по ПД, би сакал да подвлечам дека тврдењето „пред Преспанскиот договор, за целиот свет сме биле ФИРОМ“ апсолутно не е точно. Имено, а за тоа веќе пишував во „Нова Македонија“, пред ПД за осумдесет проценти од светот, вклучувајќи ги десетте најмногубројни држави во светот и трите суперсили Кина, Русија, САД, нашата држава беше именувана како Република Македонија, а не ФИРОМ.
Членот 7 од Преспанскиот договор
Како што се изјаснив и претходно, членот 7 од ПД е клучен за идентитетските прашања, па затоа подолу ќе се задржам подетално на него. Но би сакал да укажам дека, во принцип, т.н. „задолжителни норми на меѓународното право“ (Jus cogens), во кои влегуваат и човековите права, што го вклучува и правото на припадност кон национален идентитет, не може да бидат регулирани со меѓународни договори. Пред да пристапам кон толкување на членот 7, би потсетил дека под идентитет се подразбира: „именскиот и колективниот идентитет, културниот идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозниот идентитет, етничкиот и национален идентитет, кои ја чинат посебната – македонската историска содржина“.
Во продолжение го наведувам во целост членот 7, поточно неговите пет става, од ПД.
Став 1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
Став 2. Во однос на Првата страна, овие термини ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
Став 3. Во однос на Втората страна, овие термини ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во членот 7, став 2.
Став 4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и преостанатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.
Став 5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.
Анализа на членот 7 од Преспанскиот договор
Според став 1, двете држави, Грција и Македонија, прифаќаат дека нивното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ е различно и се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Според став 2, за државата Грција термините „Македонија“ и „македонски“ ги означуваат, прво, северниот регион во државата Грција и народот во тој регион, и второ, нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. Според став 3, за државата Македонија, термините „Македонија“ и „македонски“ ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во став 2 (од членот 7).
Имајќи го предвид наведеното, може јасно да се констатира дека покрај тоа што став 2 јасно ја дефинира просторната граница на употребата на термините „Македонија“ и „македонски“ за двете држави, државата Грција во став 2 дополнително јасно го дефинира и временскиот период (од антиката до денешен ден) на употребата на термините „Македонија“ и „македонски“. Меѓутоа, за жал, државата Македонија, ненамерно или намерно (што мислите вие?), не го направи тоа, па, така, во став 3 воопшто не е вметнат временскиот период (од – до). На тој начин, ваквата недореченост остава простор временскиот период да се реши произволно, со апсолутно отворена можност на целосна штета на државата Македонија, или, на пример, со друг договор, но не со државата Грција, туку, на пример, со државата Бугарија.
Тука, пред сѐ, би сакал да истакнам дека оваа колумна нема за цел негирање на правото на Грција да ја гледа историјата така како што сака и ја доживува, бидејќи секој има право на свое минато. Впрочем, според став 2, граѓаните на државата Грција во регионот Македонија може себеси да се нарекуваат Македонци и, според став 3, граѓаните на државата Македонија, исто така, може себеси да се нарекуваат Македонци. Меѓутоа, според став 4, двете држави изјавуваат дека официјалниот јазик и преостанатите одлики на државата Македонија не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на државата Грција. Така, за да направам разлика меѓу Македонците во државата Грција и Македонците во државата Македонија, ќе ги користам термините „елински Македонци“ и „словенски Македонци“, соодветно.
Покрај претходно забележаната недореченост на временскиот период во овој член, во продолжение ќе набележам и дополнително толкување, кое покажува дека членот 7 не само што не го гарантира туку, всушност, го брише македонскиот идентитет. Имено, овој член ја определува просторната рамка за употребата на термините „Македонија“ и „македонски“ или, со други зборови кажано, во северниот регион на државата Грција нема словенски Македонци, бидејќи терминот Македонија во државата Грција е веќе резервиран не само за областа и народот во северниот регион на Грција туку и нивните одлики, вклучувајќи ги елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден. Така, спротивно на историските факти, овој договор тврди дека во регионот Македонија во државата Грција од антиката до денес живееле само елински, но не словенски Македонци. Тргнувајќи од фактот дека дејствувањето на словенските Македонци во државата Грција е дел од македонскиот идентитет, произлегува дека ПД, како што претходно истакнав, го брише, а не го гарантира, македонскиот идентитет.
Нашите две колосални грешки
Според укажувањата на многу еминентни историчари, до средината на 19 век, грчките мислители и интелектуалци имале потполно различен однос кон Античка Македонија. Според пишувањето на професорот Далибор Јовановски, Адамантиос Кораис сметал дека Античките Македонци биле окупатори на Грција, Григориос Палиуротис напишал дека смртта на Филип предизвикала надеж кај Грците дека тие можеле да ја возобноват слободата, додека, пак, првиот ректор на Атинскиот универзитет, Константинос Схинас, забележал дека Грција била владеена од страна на Македонците, Римјаните и Византијците. Понатаму, Јаковос Ризос Нерулос, претседател на Атинското археолошко здружение, говорел дека Филип ја уништил грчката слобода, а Константинос Папригопулос, основоположникот на современата грчка историографија, сметал дека Античка Македонија била освојувач на Грција.
Набележаните факти за Античка Македонија во грчката историја стануваа дијаметрално спротивни од претходно наведените кога политичарот Јоанис Колетис, во јануари 1844 година, во Атинското собрание ја промовирал „Големата идеја“ што значела барање за територијално проширување на Грчкото кралство на сметка на османлиската Македонија. Меѓутоа, таму Грците не биле мнозинство, па затоа морало да се покаже дека Македонија била историска грчка територија. Така, од окупатор и непријател, Античките Македонци станале дел од античкото грчко наследство и неизбежен и цврст дел од грчкиот идентитет. Така, Папаригопулос, кој пред 1844 г. сметал дека Античките Македонци биле окупатори, веќе во 1853 г. пишувал за нив како за чисти Грци.
Во водењето на нашата држава може да се забележат многу грешки на геополитички и стратегиски план, но некои од нив се со таква димензија што, за жал, ја поткопаа не само надежта за достоинствена и просперитетна иднина туку и нејзиното постоење. Една од нашите огромни грешки беше обидот Античка Македонија да стане дел од историјата на државата Македонија, и тоа на начин и во време кога тоа беше направено. Не навлегувајќи во денешнава колумна подетално по ова прашање, би сакал само да укажам дека за многумина, Античка Македонија, особено со оглед на фактот дека таа се протегала на три континенти, е дел од историјата на повеќе денешни држави, не само Грција. Така, според италијанскиот историчар Манфреди, ликот и делото на Александар се влезени во преданијата и легендите на повеќе од 100 народи. Па, затоа, Македонија не треба да се откаже од правото на културноисториското и митското наследство и во таа смисла може да укажува и на одредена традиција на евоцирање и асоцирање на македонскиот народ и со наследената колективна меморија, народно предание, симболи, материјално и духовно античко наследство, но на цивилизиран начин и без експлицитни и кич-идентификации.
Другата грешка, од која допрва ќе ги чувствуваме последиците, е Преспанскиот договор. Во членот 7 се дефинираат термините „Македонија“ и „македонски“, но тоа е сторено врз два сосема спротивставени концепти: за државата Грција важи „митот на континуитетот од антиката до денес“ (примордијалната концепција за нацијата што е научен нонсенс), додека за државата Македонија важи конструктивистичката/модерна (па и постмодерна) концепција за нацијата. Македонија беше должна со ПД барем да ја гарантира историската врска со Словените и нивното видливо присуство (култура, писменост, говор и др.) од 6 век наваму, но ни тоа не го направи. Договорот, што јасно се гледа од оваа колумна, содржи ненаучни, нехумани и неетнички тврдења. Но за тоа, повеќе и подетално во некој нареден мој текст.
Како понатаму?
Неколку предлози за како понатаму. Прво, откажување од пласирање на небулозните изјави на политичарите за политички поени и од организирање настани во кои нема вистински дијалог, со кои се манипулира јавноста и се предизвикува штета во општеството. Второ, обединување на сите македонски политички партии во однос на македонскиот идентитет. Грешките се направени, треба да се престане со непотребни обвинувања и омраза и да се пристапи кон наоѓање решенија, а за тоа веќе пишував во „Нова Македонија“. Трето, македонските интелектуалци треба да се сосредоточат во одбрана на македонскиот идентитет, да понудат решенија независно од мислењата на политичарите, но и да ги оценуваат и критикуваат решенијата на властодршците како општествено одговорни интелектуалци. Притоа би сакал да подвлечам дека еднаш и засекогаш, што не беше случај досега, единствена водилка во работата на властодршците задолжително треба да бидат просперитетот и иднината на Македонија, а не нивниот личен просперитет, желба за владеење и арогантен однос спрема академската средина и интелектуалците.