Бугарските услови колку и да звучат неразумно, анахроно, целосно контрадикторно на европските демократски принципи, а и ништовно според меѓународното право, по неодамнешното искуство на Македонија со Преспанскиот договор (како решение за исто толку ирационалниот тридецениски спор со Грција, наметнувано од ЕУ како, ете, „последен услов за почеток на преговорите за членство“), оправдано предизвикуваат скептицизам во македонската јавност за подготвеноста и веродостојноста на Унијата да направи избор меѓу своите принципи и каприциозните барања на своите членки, а овој пат од Бугарија
Кога ЕУ нема желба или не е во состојба да ги исполни своите децениски ветувања и барања за „голтање жаби“ од страна на Македонија (и воопшто земјите од т.н. Западен Балкан), почнува сѐ погласно да ја активира реториката за „неисполнети реформски очекувања“ од страна на земјите-кандидати. Таквиот извежбан политички маневар на бриселската бирократија на нагласување на Копенхашките критериуми за проширување во соодветно време, како обид за ставање меѓу редови на непринципиелното уценување на одредени членки на ЕУ со консензуалното одлучување, сѐ поизвесно го развива својот потенцијал да се претвори во уште едно долго вето-искушение за евроинтеграциите на Македонија. Последната изјава на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи со апел за брзо пронаоѓање „заеднички прифатливо решение со Бугарија“, и покрај сета вербална обланда, во Македонија брзо беше протолкувано како издигнување на билатералниот спор со Софија на ниво на нов официјален услов на ЕУ. Иако Европската комисија потоа се обидуваше да го релативизира изедначувањето на условите на Бугарија за Македонија, како услови на ЕУ, сепак не ја избегнува категоричноста на одговор со „да“ и „не“ на поставени новинарски прашања од македонските медиуми. Од ЕК велат дека со нетрпение ја очекуваат првата меѓувладина конференција со Македонија, најскоро што е можно, но потоа потсетуваат дека за да се случи тоа Советот на ЕУ треба едногласно да ја усвои преговарачката рамка, која сѐ уште се дискутира.
– Ние продолжуваме да ги охрабруваме двете страни да најдат прифатливо решение за нивните отворени билатерални прашања, како што објасни комесарот Вархеи – одговорија од ЕК.
И покрај уверувањата на Вархеи дека Западен Балкан сѐ уште е приоритет на ЕУ и дека се надева дека блокадата што се случи во декември е привремена, а не трајна, но за да се случи тоа, повторно нагласи дека е потребна соработка на земјите од Западен Балкан. Контекстот на неговата претходна изјава дека Македонија „треба да излезе во пресрет на загриженоста на Бугарија“ и пораката „земјите-кандидати за членки да ветуваат малку, а да остваруваат многу“, упатува на ситуација дека ЕУ премолчено ги прифатила условите на Бугарија за Македонија.
– Европската комисија како институција на ЕУ е ограничена од позициите на државите-членки, поради што и не треба да нѐ изненадува изјавата на комесарот Вархеи во однос на решавањето на македонско-бугарскиот спор. Во оваа фаза, одлучувањето за нашето портфолио е во рамките на Советот на ЕУ каде што одлучуваат државите-членки. Иако преостанатите држави-членки не прифатија бугарските услови да станат дел од нашата преговарачка рамка, секако, без согласноста на Бугарија ние не можеме да се придвижиме напред во пристапниот процес. Во тој контекст, наоѓање некоја форма на заедничко решение со Бугарија иако можеби не е формален критериум, станува за нас дополнителен услов, како што е отсликано во реалноста на нашиот пристапен процес – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.
Познато е дека условите на Бугарија се поврзани со барања за историско-идентитетско предефинирање на Македонија и Македонците како „загубен дел на Бугарија“ и „новоосвестени Бугари“.
Таквите услови колку и да звучат неразумно, анахроно и целосно контрадикторно на европските демократски принципи и меѓународното право, по неодамнешното искуство на Македонија со Преспанскиот договор, како решение за исто толку ирационалниот тридецениски спор со Грција, наметнувано од ЕУ како „последен услов“ за почеток на преговорите за членство, оправдано предизвикуваат скептицизам во македонската јавност за принципиелноста и веродостојноста на Унијата. Таквиот македонски скептицизам по изјавите на еврокомесарот за проширување Вархеи е надграден со дилемата дали ЕУ воопшто е подготвена да го направи вистинскиот избор меѓу своите темелни антифашистички принципи или повеќе сака да замижи пред експанзионистичките и шовинистички намери на Бугарија, кои овој пат силата ја црпат од правото на вето во консензуалното одлучување на Унијата.
– Изјавата на еврокомесарот за проширување, како лошо дежа ви, повторно ни потврдува дека желбите на Бугарија (како и во случајот со Грција) станаа услови на ЕУ за почеток на преговорите. Иако верувам дека има релативно голем притисок од другите земји-членки кон Бугарија, како и одредена подготвеност од Бугарија (особено премиерот Борисов), да не се блокира повторно (или во недоглед) почетокот на преговорите со Македонија, сметам дека тие нема тукутака да се откажат од она што го направија и ќе очекуваат отстапки од нас, за да нема ново вето. За жал, како и со Грција, ќе се сведе на прашањето колку е подготвена нашата влада да попушти. Со Преспанскиот договор попуштивме целосно, со прифаќањето на сите нивни „црвени линии“, а отстапувајќи од сите наши позиции, на сите дотогашни влади и наспроти резолуциите донесени во Собранието.
Бугарија сега очекува да попуштиме и кон нивните барања (или подобро речено желби и фантазии), а вето-можноста им ја дава таа моќ. Изјавата на Вархеи само ја засилува таа позиција. Нашата влада досега покажуваше непопустливост (како Владата на ВМРО-ДПМНЕ кон Грција низ годините) и се изјавува дека за идентитетот (и јазикот) не се разговара, ниту преговара. Но слично изјавуваа и пред Преспанскиот договор, па видовме како заврши тоа – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.