Онака како што сега се поставени нештата со европерспективата на земјите од Западен Балкан, а со тоа и на Македонија, легитимно се отвораат прашањата колку владините советници досега успеале да ја подобрат перцепцијата за земјава во земјите-членки на ЕУ и колку се реални изгледите со своето влијание и „блиски односи“ со високите политички кругови во тие земји да придонесат во октомври навистина да почнат преговорите со ЕУ
Категоричниот став на францускиот претседател Емануел Макрон дека одбива секакво проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ, освен што го стави во нова неизвесност „ветениот“ октомвриски датум на Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, отвори и други потпрашања, поточно за ефикасноста, за влијанието и за улогата на советничките функции. Имено, меѓу 56-те советници, има и двајца што се специјално ангажирани за „олеснување на процесот на пристапување кон ЕУ, помагање во остварувањето на стратегиските приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските интеграции“, конкретно за унапредување на односите со Франција и земјите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург). На собраниската говорница, премиерот Заев беше многу дециден во својот став дека советникот Љупчо Зафировски (слично како и Александар Ружин) има врски во дипломатскиот дел со кабинетот на Макрон и со Владата во Франција, која има малку информации за она што се случува во земјава. Овие советници, меѓу другото, имаа за задача да го „избомбардираат“ со многу повеќе информации и да го привлечат кабинетот на претседателот Макрон на наша (македонска) страна. Ангажманот на советниците трае повеќе од една година, и тоа во времето кога во Македонија беа спроведени многу политички процеси и промени, токму и пред сѐ во интерес на добивање (барем) на датумот за почеток на преговори со ЕУ. Навистина, во меѓувреме Владата двапати објави дека (речиси) е добиен датумот, што последната изјава на францускиот претседател недвосмислено ја демантира. Онака како што сега се поставени нештата со европерспективата на земјите од Западен Балкан, а со тоа и на Македонија, легитимно ги отвора прашањата колку советниците досега се во функција ефикасно и успешно да ја подобрат перцепцијата за земјава во земјите-членки на ЕУ и колку се реални изгледите со своето влијание и „блиски односи“ со високите политички кругови во тие земји да придонесат во октомври навистина да започнат преговорите со ЕУ.
– Ако ги поставиме нештата на ниво на теорија, улогата на советниците во Владата, кои според тоа како што се дефинирани во описот (за олеснување на процесот за пристапување кон ЕУ), треба да биде еден од клучните фактори во унапредувањето на односите со одредени земји, влијателни членки на ЕУ. За таквото назначување веројатно требало од претходно да имаат работено на тоа поле, да имаат одреден план, некаков изработен проект. И секако, по одредено време од извршувањето на советничката функција, да се покажат некакви резултати. Во врска со резултатите на советниците за Франција и земјите на Бенелукс, досега македонската јавност нема никакви информации. Од она што го знаеме, како заклучок произлегува дека досега тие немале никакво влијание врз перцепцијата на Франција и другите земји од ЕУ за Македонија. Тоа уште еднаш покажува дека во практика советничките функции во Македонија се форма на некакво политичко оддолжување – вели политикологот Владимир Божиновски.
Деновиве, од 3 до 5 јули, во Познањ, Полска, се одржува уште една сесија од Берлинскиот процес (инициран во 2014 година) за да се забрза дијалогот и можноста за соработка меѓу државите од Западен Балкан, на кој ќе присуствува и германската канцеларка Ангела Меркел, но не и францускиот претседател Макрон. Сепак, македонскиот премиер Заев таму треба да има средба со францускиот премиер Едуар Филип, на која главен фокус е отворање на пристапните преговори со ЕУ. Но од македонската влада до затворањето на денешниот број на „Нова Македонија“ не добивме одговори и информации дали и на кој начин советниците за Франција и Бенелукс се ангажирани во политичко-дипломатскиот процес за добивање на долгоочекуваните и ветени пристапни преговори за членство во ЕУ.
– За тоа колку и како придонеле со своите совети советниците на премиерот, треба да даде оцена и оној што ги поставил. Ако се покажале како неспособни, не се ангажирале, или нивниот ангажман немал ефект, најмалку што треба да направат советниците е сами да се повлечат. Во конкретниот случај на советниците за Франција и Бенелукс, за кои беше кажано дека имале „блиски односи со луѓето од кабинетот на Макрон“, симптоматично е значењето на оцената „блиски односи“. Ако навистина имале блиски односи со владините кабинети на одредени земји-членки на ЕУ, можеле барем да му кажат на премиерот што го советуваат да нема такви очекувања за европерспективите на земјата, поради кои се случија суштински промени за карактерот на државата – вели професорот Јове Кекеновски.