Да не беше Охрид, немаше да ја биде Преспа, ако не беа и двете, немаше да го имаме НАТО, изјави вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, конференцијата „По Охрид“ за 20-годишнината на Охридскиот договор организирана од Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците во соработка со Универзитетот Колумбија од САД.
Груби рече дека не смееме да застанеме тука и мора да смогнеме сила да го спроведеме и третиот договор со истата храброст и посветеност што ја запечатува нашата европска иднина.
– Да водиме, да не се водиме, да работиме за следните генерации, а не за следните избори. Договорите од Охрид и Преспа не научија дека оваа земја, овој народ, овој регион, не може да биде дом на евроскептицизмот, туку напротив, колку е поголем предизвикот, толку е поголема нашата посветеност бидејќи драги пријатели – нашето сонце изгрева на запад – рече Груби.
Според него, ниту една заедница, ниту еден граѓанин не загубил од Охридскиот рамковен договор.
– Сите заедници, сите граѓани имаа корист и најголем победник е нашата заедничка земја, од земја во војна, во земја членка на НАТО и со зелено светло за членство во Европската унија – рече Груби.
Денес, додаде тој, сакам да се присетам на сите оние кои во 2001 година ја спасија мојата земја и нѐ научија како да се постигне рамнотежа.
– Многу од нив денес се меѓу нас, ви благодарам, некои од нив не се денес со нас, ви благодарам многу, а некои веќе не се со нас, како претседателот Трајковски, Арбен Џафери, Имер Имери и Џејмс Пардју на кои ви велам дека нема да ве заборавиме и ви благодариме. Исто така, сакам да изразам благодарност до сите мои претходници во овие две децении за нивните напори да го спроведат духот на Договорот, но без да ги заборавам сите загинати во 2001 година, Албанци и Македонци, инвалидите, нивните семејства – рече Груби.