Пред крајот на изборната кампања и пред почетокот на изборниот молк, лидерите на двете најголеми партии во државата, Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуа за „Нова Македонија“ ги претставуваат своите очекувања за изборите на 15 јули. И двајцата очекуваат убедлива победа и ветуваат подобра иднина за граѓаните и за државата
Интервју со Зоран Заев, претседател на СДСМ
Каква визија и иднина нудите за Македонија и зошто граѓаните би го дале гласот за вас?
– Северна Македонија, слободна, демократска држава интегрирана во НАТО и земја-преговарач со отворени 80 отсто од поглавјата, држава на стабилна и развојна економија, тоа е нашата визија за Северна Македонија во 2024 година.
Граѓаните во овие три години видоа дека знаеме и умееме, покажавме дека сме целосно различни од сите наши противници. И затоа сме убедени дека граѓаните ќе дадат поддршка за нашиот концепт што води напред.
Граѓаните ќе гласаат за СДСМ затоа што знаат дека така гласаат за сигурност, знаат дека така ќе спречат нова режимска влада на ВМРО-ДПМНЕ и нова опасност за државата и нејзината иднина. Знаат дека во моментов нема подобра опција за државата од СДСМ и коалицијата „Можеме“.
Знаат дека со нас платите ќе растат, а парите нема да завршуваат кај Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Минималната плата ја донесовме на 14.500 денари, 5.500 денари повеќе од она што беше минимална плата во 2016 година. Знаеме и можеме да испорачаме минималната плата од 20.000 денари и просечна плата од 34.000 денари до 2024 година.
Знаат граѓаните дека со нас ЕУ и НАТО се сигурни и нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да го поништува договорот од Преспа и да нѐ враќа назад во изолација.
Граѓаните ја препознаваат чесната, одговорна и државничка понуда на СДСМ и на коалицијата „Можеме“ и затоа на 15 јули масовно ќе го заокружат бројот 3 и ќе испорачаат нов пораз за незрелиот Мицкоски и нереформираното ВМРО-ДПМНЕ.
Како ги оценувате кампањата, програмата и реториката на политичките противници?
– Како и досега, СДСМ спроведе позитивна кампања овој пат и со целосно почитување на протоколите и мерките за заштита. Нашата понуда пред граѓаните е понуда за градење нова развојна економија, понуда што содржи решенија за граѓаните и иднината, конкретни, прецизно разработени планови.
Од друга страна, од страна на ВМРО-ДПМНЕ не видовме ниту една мерка, ниту еден план за доброто на граѓаните. Само црнила, лажни вести, закани за враќање назад, понуда за обнова на режим.
Покрај тоа видовме и секојдневно кршење на мерките од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, со што покажаа дека за нив воопшто не е важно здравјето за граѓаните.
Во таква ситуација, без визија, без програма и ВМРО-ДПМНЕ, ама и ДУИ тераа кампања на национализам, на подгревање нови вештачки поделби. Нивниот однос кон граѓаните е нечесен, неискрен и во суштина празен. Затоа ќе губат гласови, затоа ДУИ ќе оди во опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ ќе му прави таму друштво во следните 4 години.
Тоа е период што можат да го искористат и да се реформираат, добро ќе биде тоа и за нив, ама и за државата.
Кој е вашиот клучен адут на овие избори?
– Препознавањето на потребите на граѓаните, решавањето на нивните проблеми, носењето храбри и државнички одлуки е она по кое СДСМ стана препознатлив во овие 3 години зад нас.
Ние нашите ветувања ги остваруваме, тоа го покажавме. На крајот на денот свесни сме дека можевме и подобро. Дека не ги исполнивме сите очекувања на граѓаните. Знаеме и дека направивме и грешки, но, секоја наша грешка, граѓаните ни ја посочуваа гласно, демократски, а ние ги слушавме и реагиравме. Покажавме дека знаеме и можеме да се подобруваме.
Затоа денес насекаде низ државата, гордо и без срам можеме да ги погледнеме граѓаните во очи и да ја побараме нивната поддршка за да ги продолжиме добрите политики, преку кои платите и пензиите ќе растат уште повеќе, ќе има уште повеќе пари кај граѓаните и ќе има подобар економски стандард за сите.
Секое наше реализирано ветување досега, секое решение од новата програма, се нашите адути пред граѓаните. И немам дилема, граѓаните ќе го препознаат тоа.
Каков резултат очекувате на 15 јули?
– Очекуваме силна поддршка од граѓаните за нашата понуда. Очекувам дека нашите успеси уште еднаш ќе се потврдат од граѓаните, на фер, слободни, демократски и најважно, избори безбедни и со целосна заштита за здравјето на сите.
На такви избори граѓаните ќе одберат да не ја прокоцкаат шансата што заедно ја создаваме овие три години. Да не ризикуваат, да не го даваат гласот за кој било што би можел да коалицира со Мицкоски и да нѐ вратат во режим.
Тоа и ќе се случи, граѓаните ќе го дадат својот глас за сигурност со СДСМ и коалицијата „Можеме“. Реков пред една година, зборував и во кампањата, оваа коалиција ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ со меѓу 50.000 и 120.000 гласа разлика, ќе го победиме и ДУИ и во изборната единица 6 и ДУИ ќе оди во опозиција.
А по победата заедно со граѓаните продолжуваме на исправниот пат, заедно ќе покажеме дека можеме уште повеќе, можеме уште подобро.