Несинхронизираност на локалната и централната власт во борбата против пандемијата
Пандемијата ги извади на површина постојаните поделби во македонското општество по сите основи. Најновата поделба удри и врз учениците, па така од утре само учениците од Тетово и од Гостивар ќе останат дома, додека сите други ќе одат во училиште со физичко присуство. Колку оваа најнова политичка одлука по барање на градоначалничката на Тетово е во согласност со Уставот и законите или е во спротивност со највисокиот правен акт? И од друга страна, колку со ваква сегрегација се придонесува кон продлабочување на поделбите во државата?
На само еден ден пред почетокот на новата учебна година многу дилеми остануваат отворени, пред сѐ, од аспект на здравствените ризици за учениците и нивните семејства, со оглед на новиот бран зарази со ковид-19, кој никако не спласнува. Ќе обезбедат ли мерките безбеден образовен процес за основците и за средношколците, е клучната дилема што ги мачи родителите. Но истовремено нов индикатор на поделби беше и најавата на градоначалничката на Тетово дека таму децата нема да посетуваат настава со физичко присуство туку онлајн.
Има ли уставни и законски можности за такво нешто, дали по сите поделби во општеството, сега и децата ќе ги делиме на ваков начин, колку политиката тука меша прсти итн. Сите овие дилеми се исправени пред јавноста.
Градоначалничката Теута Арифи побара во Тетовскиот Регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Според неа, причината за тоа се високите бројки на заболени од ковид-19 во овој регион, иако заболени има во целата држава и особено во главниот град.
– Претставници од Клиничката болница велат дека освен што има болни од ковид-19 лица над 18 години, исто така, веќе има и точки низ регионот каде што има и заболени деца. Така ние веќе го имаме пикот и сметаме дека во овие три недели децата треба да бидат надвор од тие движења и да стопираме можни инфекции. По три недели да се вратат со физичко присуство. Бараме и другите општини да нѐ поддржат, бројките зборуваат дека тука сме сите – изјави Теута Арифи.
Таа порача дека како општина ќе бараат сите вработени во образовните установи да се вакцинираат или да се тестираат на секои три дена.
– Како штаб за Тетово ќе ги контролираме дали имаат барем една доза вакцина вработените. Тие што не се вакцинирани во училишта ќе бидат обврзани секои 72 часа да донесат доказ за негативен тест и да продолжат да работат. Мислам дека мора да повикуваме на вакцинација и малку да наложиме. Ние како локални авторитети ќе го спроведеме тоа, поради здравје на сите. Свесни сме дека некој поради здравствени причини не може да прими вакцина, ама тоа може да се аргументира пред училиштето. Како што се прави тестирање за шетање така и за школо ќе се прави – изјави Арифи.
Според Теута Арифи, во Тетовскиот Регион воведувањето карантин не е опција, туку масовната вакцинација, како начин за надминување на пандемијата.
Поделбите во општеството се постојани
Она што за експертите е најважно е образовниот процес да биде безбеден и да не се дозволи ново ширење на вирусот.
Некои од соговорниците велат дека и минатата година подоцна почнала учебната година, но и била прогласена кризна состојба за Дебар на почетокот на пандемијата, што не значи дека истовремено не се штитело и здравјето на граѓаните од остатокот од државата.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека пандемијата ги извади на површина постојаните поделби во македонското општество.
– Не е само индикатор за поделба тоа што деца од одреден регион ќе одат на настава онлајн, наспроти другите деца. И протестите за невакцинација се индикатор за поделба. Поделени сме и со мислењата за почеток на наставата со физичко присуство или со онлајн настава – посочува Арсовски.
Според него, за случајот со иницијативата за училиштата во Тетовскиот Регион нема простор за етничка поделба, туку се работи за поделба за оние што веруваат во наука и оние што веруваат во харпови – додава тој.
Комисијата одлучувакаква настава ќе има
Од 1 септември наставата ќе почне со физичко присуство во сите училишта. Ова се последните најави на Министерството за образование и наука. Мила Царовска, министерката за образование и наука, посочи дека отворањето на училиштата е во најдобар интерес за учениците.
– Најдобар начин да се заштити и менталното здравје и да се одржи нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и ние тоа ќе го направиме во оваа учебна година – рече Царовска.
Од Министерството за образование и наука вчера посочија дека учениците од основните училишта ќе одат на настава со физичко присуство во целата земја, а дека одлуката за пролонгирање на наставата со физичко присуство во Полошкиот Регион е по барање на Комисијата за заразни болести, која ја оценува епидемиолошката слика.
Според министерот за здравство Венко Филипче, Министерството за здравство, по препорака на Комисијата за заразни болести на ГККШ и Владата, предложило средношколците од Тетово, Гостивар и од тој регион, првите две недели од почетокот на учебната година, наставата да ја следат онлајн.
– Оваа препорака е поради актуелната епидемиолошка состојба во овој крај и исклучително сериозната ситуација во болниците во Полошкиот Регион. По анализите што ги направивме со Комисијата за заразни болести, констатиравме дека средношколците доаѓаат од повеќе места со организиран превоз, а тоа може да предизвика дополнително влошување на состојбата. Комисијата ќе ја следи епидемиолошката состојба и понатаму и доколку има дополнителен ризик-фактор ќе се донесат нови одлуки, или ќе се предложи олабавување на рестрикциите доколу состојбата се подобри. Ова им го образложив и на локалните власти во Општината на средбата што ја имав со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи – посочи Филипче.
Ќе имаме ли кластер 1 септември?
Докторската фела е поделена во ставовите дали децата токму од 1 септември требаше да тргнат со физичко присуство во училиштата.
Според многумина од лекарите, актуелната состојба со ковид-19, секојдневните високи бројки на позитивни случаи, но и смртни случаи не се погодна епидемиолошка слика да се почне учебната година со физичко присуство на учениците во училишните клупи.
Микробиологот Никола Пановски вели дека можеби најсоодветно решение ќе било комбинирана настава, особено за оние ученици што одат во средните училишта.
– Во оние градови каде што има висок процент на ширење на вирусот, како Скопје, Куманово, Штип, Струмица наставата требаше да се одвива комбинирано, барем за средношколците. Малите деца се побезбедни од поголемите, полесно ја поминуваат болеста. Средните школи имаат поголем број ученици во класовите, користат превоз за да дојдат до училиштата. Ако наставата беше комбинирана, две недели онлајн од дома, а две недели со физичко присуство ќе се редуцираше нивниот број – вели тој.
Според Пановски, сега на потег се епидемиолозите како ќе одлучат кога ќе има позитивен ученик во еден клас.
– Како ќе одлучат кој ќе оди во изолација, дали тој што седел со позитивниот ученик во клупа или и тие што седеле околу него. Ќе видиме, ситуацијата ќе се менува од ден на ден – посочува Пановски.