Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неажурираниот систем за евиденција ги збунува оздравените ковид-пациенти.Оние што ги поминале деновите на изолација и добиле известување од Центарот за јавно здравје дека се избришани од системот се жалат дека полиција ги посетува и неколку дена подоцна. Стравуваат дека можат да се соочат и со казни ако во тој момент не се дома, иако тие веќе со денови одат на работа

ИНСТИТУЦИИТЕ ВО РАСЧЕКОР ВО ОДНОС НА ЕВИДЕНЦИЈАТА НА КОВИД-ПАЦИЕНТИТЕ

Има ли координираност меѓу институциите и зошто во системот на евиденција на позитивни пациенти на ковид-19 нема навремено ажурирање на податоците? Станува збор за некоординираност или неможност навремено да се обработат податоците поради недостиг од персонал во администрацијата.
Пациенти што ги поминале деновите на изолација и добиле известување од Центарот за јавно здравје дека се избришани од системот се жалат дека полиција ги посетува и неколку дена подоцна. Понекогаш се случува и полициски службеници да ги посетат нивните домови, а тие веќе со денови да одат на работа. Стравуваат дека можат да се соочат со казни ако во тој момент не се дома. Центрите за јавно здравје се должни да ги избришат оздравените пациенти од системот на евиденција по кој се води и Министерството за внатрешни работи бидејќи им завршиле изолацијата и домашното лекување од 10 или 20 дена од денот на тестирањето. Токму малиот број епидемиолози во овие здравствени институции и големиот број нови позитивни случаи на ковид-19 се причина за бавното одвивање на оваа административна процедура.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги издава решенијата за изолација на позитивните ковид-пациенти од денот на нивното тестирање, кое најчесто го праќаат по апликацијата за комуникација Вибер.

Матичните лекари во ваквите случаи се на средината и повеќе време трошат на административни процедури отколку на лекување на пациентите.
Се соочуваат со најразлични ситуации. Но најчесто мора тие самите да интервенираат кај надлежните во Центрите за јавно здравје и да бараат нивните оздравени пациенти да бидат избришани од листата на позитивни ковид-лица.
Од Центарот за јавно здравје во Скопје велат дека одредени денови се случува да доцнат известувањата до оздравените пациенти дека им завршила изолацијата во домашни услови.
Причина за тоа е, како што посочуваат оттаму, големиот број на оздравени во еден ден и неможноста тие административно да бидат проследени.
– Планираме да направиме дополнување на капацитетите на вработените, но и на тие што ќе ни помагаат и ќе ги известуваат оздравените пациенти. Во процедура е ангажман на студенти што ќе ни помагаат – додаваат од ЦЈЗ.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат по решенијата за изолација што ги издава Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и по одлуките на Центрите за јавно здравје што по епидемиолошка слика го одредуваат бројот на денови во кои одреден пациент е во изолација.
– Сѐ додека надлежните институции не нѐ известат дека на еден пациент му завршила изолација, ние сме должни да правиме проверки дали истиот тој е во изолација во домашни услови – велат од МВР.

[email protected]