Фото: Игор Бансколиев

Истакнувањето на обврските што Македонија „ги презеде“ кон соседите и нивното мултиплицирање и извртување од бугарска страна стануваат услови што би можеле да го попречат македонскиот пат кон ЕУ. Таквите барања полека стануваат ултиматуми и ја засенуваат „изразената поддршка на ЕУ“ за текот на отворените пристапни преговори со државава. Тоа наведува на заклучок дека ЕУ првенствено ги гледа сопствените интереси, поточно интересите на своите членки, што отрезнувачки тешко за нас излезе на виделина и покрај слушнатите охрабрувачки зборови за европската перспектива на Западен Балкан и за заедничката борба со кризата предизвикана од пандемијата…

Македонија извлече важен заклучок меѓу веќе слушнатите фрази на самитот

Водечките луѓе на институциите на Европската Унија (ЕУ) и лидерите на членките на блокот, на завчерашниот самит ЕУ – Западен Балкан ги соопштија очекуваните пораки за европската перспектива на земјите од регионов, за поддршка и соработка во справувањето со кризата предизвикана од ковид-19, а ја повторија и обврзаноста кон вредностите и реформите на ЕУ. Но настрана од веќе слушнатите и по малку излитени фрази, имаше и важна порака што ја засега Македонија, во која беа нагласени преспанската спогодба и договорот за добрососедство со Бугарија.

Истакнувањето на обврските што Македонија ги има кон своите соседи, во ситуација кога се актуализираат бугарските услови што би можеле да го попречат македонскиот пат кон ЕУ, ја засенува и изразената поддршка за отворањето на пристапните преговори со државава. Тоа наведува на заклучок дека ЕУ првенствено ги гледа сопствените интереси, попрецизно интересите на своите членки, што излезе на виделина и покрај слушнатите охрабрувачки зборови за европската перспектива на Западен Балкан и за заедничката борба со кризата предизвикана од пандемијата. Принципите на меѓународното право, за жал, повторно се игнорираат, правдата се апстрахира, а аргументите на силата на посилниот ги совладуваат силината на аргументите и вистината од послабиот.

И поддршката за Западен Балкан беше виртуелна

Додека Европа се справува со последиците од пандемијата, шесте балкански држави во различни фази на патот кон ЕУ – Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија, мораа да се задоволат со покажаната поддршка, која беше виртуелна, во физичка, но во одредени случаи и во политичка смисла, наведува европското издание на магазинот „Политико“. Во формалната декларација од самитот не беше спомната одлуката на ЕУ од март за отворање на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, која го претставува најзначајниот напредок поврзан со регионот.

Тоа се должи на претпазливоста што одредени земји-членки ја имаат кон проширувањето на ЕУ. Покрај првичната цел на самитот за истакнување на „категоричната поддршка за европската перспектива“ за регионот од страна на лидерите на ЕУ, истите тие лидери бараа и јасен сигнал дека балканските нации се посветени кон Западот односно кон Европа, наместо кон Русија или кон Кина. Изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, веројатно, најдобро го опишува расположението на регионот по самитот.
– Ќе бевме посреќни со референца за проширувањето или комплетирањето на ЕУ. Впрочем, Европскиот совет донесе одлука за почнување на пристапните преговори – кажа Димитров, додавајќи дека под овие околности, кога сите се целосно насочени кон коронавирусот, добар знак претставува што Европа се држи заедно и што е фокусирана кон регионот.
На самитот беше истакната и помошта од 3,3 милијарди евра предвидена за Балканот во борбата против ковид-19. А лидерите од ЕУ ја нагласија важноста на „добрососедските односи“ меѓу најважните заклучоци.

Дефинирани две горливи прашања

На самитот одржан преку видеоврска беше прифатен документ, во чиј вовед се истакнува дека „ЕУ ја потврдува својата несомнена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“, додавајќи оти „партнерите од Западен Балкан повторно ја истакнаа својата предаденост кон европската перспектива како цврст стратегиски избор. Веродостојноста на таа предаденост зависи од јасната јавна комуникација и спроведувањето на потребните реформи“. Ова се смета за важен дел од документот во кој се дефинираат две горливи прашања во досегашните односи – недостиг од позитивна комуникација во сите напори што ЕУ ги презема за помагање на Западен Балкан, што беше видливо за време на кризата во која Србија ја фалеше Кина, не спомнувајќи ја помошта од ЕУ.

Второто прашање се однесува на потребните реформи, во кои земјите од соседството сериозно заостануваат. Како оние што се во процесот на преговори (Србија и Црна Гора) така и оние што уште не ги отвориле преговорите (БиХ), но и оние што се повикани да ги отворат (Македонија и Албанија).
Извесно е дека самитот понуди вредна лекција за Македонија, која со извлекувањето поуки треба да се сконцентрира на спроведувањето на реформите и на достигнување на европските стандарди, што ќе оди во прилог на остварување на триесетгодишната амбиција за влез во ЕУ, наместо да очекува олеснување од европските лидери и помош од страна. Но Македонија првенствено треба да ги штити и сопствените национални интереси. С.Н.М.


Пленковиќ се зазеде за регионот

Домаќинот на самитот, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, навидум, беше единствениот што беше подготвен да го каже она што се бара од секоја од државите од Западен Балкан. Тој ја поздрави одлуката за почнување пристапни преговори со Македонија и со Албанија, додавајќи дека таа предолго се чекала, барем според перспективата на неговата држава. А Пленковиќ се погрижи и европските лидери да слушнат дека Западен Балкан е посветен кон ЕУ, велејќи „ако ја земеме предвид географијата, јасно е дека нема друго место каде што тие би можеле да одат“.