Во време кога секој одговорен политичар би ја насочил сета енергија во изнаоѓање брзи решенија за ефикасно справување со предизвиците што граѓаните и стопанството веќе силно ги чувствуваат, кај нас одново проработи политикантската берза на која партиите тргуваат со пратеници, со цел задоволување на сопствените тесни интереси. Преговара секој со секого, без оглед на платформа, програма, цели, па и идеолошка ориентација, а што е најзначајно, и спроти волјата на граѓаните искажана со давањето доверба на изборите. Со ваквите трансфери на пратеници, што се долгогодишна константа на домашната политичка сцена, граѓаните се неколкукратно изневерени и изманипулирани, а нивната волја занемарена
Парламентот како Волстрит: како „пазарот на пратеници“ повторно се реактуализира
Развојот на настаните од минута на минута на македонската политичка сцена последниве денови само потврдува дека во заднина повторно ни се случуваат политикантски пазар и тргување со пратеници, при што како најважен се наметнува партискиот интерес, наспроти интересите на граѓаните и на државата.
Во време кога секој одговорен политичар би ја насочил сета енергија во изнаоѓање на брзи и ефикасни решенија за подобро справување со предизвиците што веќе граѓаните и компаниите почнаа да ги чувствуваат на своја кожа (здравствената, економската и енергетската криза), кај нас одново проработи политикантска берза на која партиите тргуваат со пратениците од другите табори заради задоволување на сопствените партиски цели и интереси. Преговара секој со секого, без оглед на платформа, програма, цели, па и идеологија, само да се дојде до глас повеќе на свое конто. Цената за тој глас никој не ја кажува, а повеќе од јасно е дека не е мала и дека ја плаќаат граѓаните.
Најтрагично е што и во вакви тешки ситуации иднината на државата зависи од еден или двајца пратеници, кои во пет до 12 одлучуваат дали ќе постигнат гол со петица, додека народот продолжува да живее во неизвесност и страв за тоа дали ќе има доволно струја зимава, дали ќе го задржи работното место и дали ќе ја преброди здравствената криза. Инаку, изразот гол со петица го промовира пред многу години пратеникот Амди Барјам, опишувајќи го неговиот случај или обид за трансфер на пратеници. Политичката филозофија на Амди беше дека тој е секогаш со власта.
Сите овие примери низ годините и особено сега говорат за еден несериозен и недржавнички однос на некои политички субјекти во земјава, кои наместо брза разврска, тргуваат со гласовите на пратениците, втурнувајќи ја земјата во уште подлабока политичка криза, која се заканува целосно да ги парализира процесите во државата.
Некои од аналитичарите сметаат дека со гласовите на пратениците се тргувало отсекогаш и дека ваквата практика ќе продолжи, но дека последиците од тоа ги плаќаат државата и граѓаните, кои запаѓаат во сè поголема агонија.
– За жал, досега во најголем број случаи пратениците правото да дејствуваат по сопствено убедување го користат многу повеќе за пазарење отколку да се пркоси на партијата кога таа влегла во некои недемократски практики и политики, што всушност е токму поентата на таа слобода на пратениците во одлучувањето. Тие едноставно ја злоупотребуваат таа улога влегувајќи во пазарењето за својот глас – вели првиот човек на Институтот за демократија, Марко Трошановски.
Негово мислење е дека оние политичари што тргуваат со својот глас, се далеку од политичари лојални, пред сѐ, на своите избирачи и во функција на поширокиот јавен интерес и нацијата.
– Секако овие политичари што тргуваат со својот глас ќе платат политичка цена. Малкумина се такви политичари што со трговска логика практикуваат политика, а останале долго на политичката сцена – појаснува Трошановски.
Говорејќи околу изневерувањето на самите гласачи кога еден пратеник тргува со својот глас, директорот на Институтот за демократија вели дека граѓаните се изневерени на повеќе начини.
– Гласачите се изневеруваат на различни начини, не само преку заткулисно пазарење. Првото е откако ќе се добијат пратеничките места, па потоа тие политичари се повлекуваат за да отстапат место за други. Втора измама е на ниво на партиски програми, кои или не се реално остварливи или не се остваруваат како што им било ветено на гласачите. Трето ниво на манипулација е отстапување од мандатот што е доделен од гласачите заради лукративни мотиви.
Претходно тоа беше со меници или со друг начин на клиентелистички релации во кои влегуваат пратениците. Се разбира дека станува збор за манипулација, особено ако наназад однесувањето на пратеникот било неконзистентно со тоа што го зборува или причините што ги кажува за одреден потег – заклучува Трошановски.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска во актуелните случувања препознава жестоката битка за одржување на статус квото, во секој поглед, во секоја сфера.
– Да се смени власта, но ништо системски да не се промени (?!) – бидејќи системот е над секоја критика, тој е совршен, проблемот е (само) во персоналните решенија и партиски групировки… Тој е недопирлив, сè друго може да се менува и реконфигурира. Долга агонија ќе биде ова, што и да се случи, затоа нема место за радост и оптимизам. Политичкиот матрикс е длабоко вкоренет и се чува без оглед на цената што ќе ја плаќаме сите – порачува професорката Ванковска.