Шестите претседателски избори ќе се одржат на 21 април 2019 година и на нив треба да биде избран петтиот претседател на државата. Овие избори се првите што се одржуваат по ратификацијата на договорот од Преспа и уставните измени, според кои новиот претседател ќе биде прв претседател на преименуваната држава.
Шестите претседателски избори ќе се одржат на 21 април, на кои Македонија треба да го добие петтиот претседател од осамостојувањето. Според законот, кандидатот за претседател може да победи во првиот круг доколку освои над 50 отсто од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список, во спротивно ќе се одржи втор круг, на 5 мај, во кој ќе се натпреваруваат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде минимум 40 отсто за гласањето да се смета за важечко. Во очекување кој ќе биде новиот шеф на државата, потсетување и на досегашните учесници во претседателската трка и број на освоени гласови.
За прв претседател на независна Република Македонија беше избран Киро Глигоров, на 27 јануари 1991 година, а одлуката за негово именување беше донесена во Собранието.
Првите претседателски избори во Република Македонија се одржаа на 16 октомври 1994 година, заедно со парламентарните, и на нив учествуваа двајца претседателски кандидати, Киро Глигоров од Сојузот за Македонија и Љубиша Георгиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Победи Глигоров уште во првиот круг, со освоени 715.087 гласа, додека Георгиевски освои 197.109 гласа.
На вторите по ред претседателски избори, во 1999 година, се кандидираа шест кандидати. СДСМ го кандидира Тито Петковски, ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски, Демократска алтернатива настапи со Васил Тупурковски, Стојан Андов беше кандидат на ЛДП, додека Муарем Неџипи се тркаше за ДПА, а Мухамед Халили за ПДП.
Првиот круг од гласањето се одржа на 14 ноември и на тие избори во првиот круг Тито Петковски освои 509.933 гласа, Борис Трајковски 449.026 гласа, Васил Тупурковски 163.206 гласа, Муарем Неџипи 155.978 гласа, Стојан Андов 111.983 гласа, додека Мухамед Халили ја доби довербата на 45.731 гласач.
Вториот круг од гласањето се одржа на 5 декември, а гласањето беше проследено со голем број нерегуларности, како и со огромен број излезени албански гласачи. Во вториот круг победи Борис Трајковски, со освоени 582.808 гласа, додека Тито Петковски имаше 513.614 гласа.
СДСМ тогаш не ги призна изборите и не го признаваше Трајковски за претседател, ословувајќи го како „граѓанинот Трајковски“. Подоцна, кога во 2002 година СДСМ дојде на власт, го призна Трајковски за претседател, но сега неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ се огради од него, а тогашниот премиер Љубчо Георгиевски им се извини на македонските граѓани за кандидатурата на Трајковски.
Претседателските избори во 2004 година беа трети непосредни претседателски избори, а се одржаа предвреме поради смртта на тогашниот претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во близината на Мостар.
Во првиот круг, кој се одржа на 14 април, учествуваа Бранко Црвенковски од СДСМ, Сашко Кедев поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ и Зуди Џелили од ДПА.
По првиот круг од гласањето, Црвенковски освои 385.347 гласа, Кедев 309.132 гласа, Острени 134.208, додека Џелили 78.714 гласа, по што беше јасно дека во вториот круг одат Црвенковски и Кедев.
Во вториот круг што се одржа на 28 април 2004 година, Црвенковски ја доби довербата на 550.317 гласачи, додека Кедев освои 329.179 гласа, со што победи кандидатот на СДСМ.
Четвртите претседателски избори во земјава се одржаа на 22 март и 5 април 2009 година. На изборите учествуваа седум кандидати, а победи Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Во првиот круг учествуваа Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски, како кандидат на СДСМ, Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и Мируше Хоџа од ДПА.
По гласањето во првиот круг, Иванов освои 345.850 гласа, Фрчкоски 202.691 глас, Селмани 147.547 гласа, Бошкоски 146.878 гласа, Буџаку 73.629 гласа, Ружин 40.042 гласа, додека Хоџа освои 30.225 гласа.
Во вториот круг победи Иванов со освоени 453.616 гласа, наспроти Фрчкоски со 264.828 гласа.
Редовните петти претседателски избори во земјава се одржаа на 13 и 27 април 2014 година, а на нив учествуваа четворица кандидати. На овие избори првпат право на глас доби и дијаспората.
Во првиот круг на овие избори се натпреваруваа Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА.
По гласањето во првиот круг, Иванов освои 448.303 гласа, Пендаровски ја доби довербата на 326.069 гласачи, за Халими гласале 38.966 гласачи, додека за Поповски се одлучиле 31.368 гласачи.
Во вториот круг Иванов освои 534.910 гласа, додека неговиот конкурент Пендаровски ја доби довербата на 398.077 гласачи, со што Иванов освои уште еден претседателски мандат.
Шестите претседателски избори ќе се одржат на 21 април 2019 година и на нив треба да биде избран петтиот претседател на државата. Овие избори се првите што се одржуваат по ратификацијата на договорот од Преспа и уставните измени, според кои новиот претседател ќе биде прв претседател на преименуваната држава.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја даде поддршката на професорката Гордана Силјановска-Давкова, додека владејачката СДСМ, заедно со коалицискиот партнер ДУИ и другите партии што се во нивниот блок, одлучи да го поддржи националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.
Алијансата за Албанците и движењето Беса најавија поддршка за кандидатурата на универзитетскиот професор Блерим Река, додека намера да учествуваат на претседателските избори со собирање потписи најавија и Филип Петровски и Самка Ибраимоски. За да се вклучат во претседателската трка, тие треба да соберат по 10.000 потписи.