Влијателниот германски политичар Михаел Рот и во изминатиот период имаше одредена улога во надминувањето на политичките жаришта во земјава
Ја користи ли Германија својата моќна дипломатска и политичка машинерија за да изврши притисок да се финализира сѐ што е договорено во спогодбата од Мала Преспа меѓу државните врвови на Македонија и Грција.
На ваква дилема стручната јавност во земјата ја наведува понеделничката посета на Македонија на германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
Од германското МНР, пред посетата на германскиот дипломат, најавија дека централна тема на состаноците на Рот со претставници на власта и опозицијата ќе бидат спогодбата со Грција и разговорите за спроведувањето на неопходните реформи во земјата.
Според агендата, германскиот дипломат треба да се сретне со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме, германскиот дипломат е добро запознаен со политичките случувања во Македонија, тој минатиот месец во знак на протест излезе од состанок на Советот на министри на ЕУ во Луксембург и на новинарите им изјави дека дискусијата за Македонија била „многу разочарувачка“, но одби да каже зошто.
Оваа негова изјава во тоа време неофицијално се поврзуваше со противењето на некои држави од ЕУ да дадат поддршка за зелено светло за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Претходно германскиот дипломат последен пат ја посети земјава во мај годинава, а по тогашните разговори со државниот врв, Рот истакна дека Македонија мора да продолжи со внатрешните реформи доколку сака да ја оствари својата европска перспектива на државата.
Влијателниот германски политичар и во изминатиот период имаше одредена улога во надминувањето на политичките жаришта во земјава. Рот беше во Македонија набргу по изборот на Владата на СДСМ и на ДУИ, чие формирање беше оневозможено цели шест месеци по изборите. Рот ја посети земјава и пред парламентарните избори во 2016 година, кога упати порака дека е неопходно да се реформира изборното законодавство и да се прочисти избирачкиот список.
Во меѓувреме, на оваа тема изминатиов период беа активни и светските медиуми, а германската телевизија Дојче веле во разговор со пратеникот на ЦДУ-ЦСУ од Бундестагот, Јирген Климке, подвлекува дека во услови кога ЕУ е „неподвижна“, Германија како една од најважните земји во Унијата, би можела да посредува во спорот меѓу Македонија и Грција.
Медиумот во својата анализа додава и дека, за разлика од директната воздржаност на највисоката германска политика, членовите на Бундестагот со години заедно со низа други дипломати отворено ја изразувале својата поддршка за Македонија.
Во контекст на овие актуелни случувања, политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека очекувањата од посетата на Рот на Скопје се поврзуваат со поттикот за продолжување на дијалогот меѓу власта и опозицијата по прашањата поврзани со спогодбата во Преспа, кој очигледно по ова прашање е во застој.
Стефаноски вели дека Германија во овие моменти, по брегзитот, практикува политика што има за цел да се стабилизира Европа на долги патеки.
– Сите германски политики во овие моменти имаат за цел да ги затворат отворените меѓудржавни прашања на ЕУ, со што би се формирала клима на единство, со што Унијата полесно ќе го надмине шокот на британското излегување од меѓународната организација – вели аналитичарот.