Со свирежи и транспаренти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја прекинаа седницата, односно направија герилска акција, со која го изразија револтот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Тие станаа од своите места и застанаа пред говорницата држејќи транспарент на кој пишуваше „Кацарска, извршител на мафијата“, „Кацарска значи неправда“, а пратениците носеа и маици со ликот на Кацарска.
Кога прекина акцијата, пратениците се повлекоа на своите места, но продолжија со свирежи кога на говорницата излегуваа пратениците од парламентарното мнозинство.
– Можете да свирите цел ден, цела вечер, не ви се мешам во тоа. Нема да ја прекинам седницата, но ќе замолам да се однесуваме демократски и на висина на задачата, ние сме избраници на народот – рече собранискиот спикер Талат Џафери.
На говорите на пратениците од опозицијата тие ракоплескаа. Собраниската седница се одвива во тензична атмосфера.