Печат со новото име Република Северна Македонија почна да се става во пасошите при влез или излез од државата, во согласност со спроведувањето на обврските од договорот од Преспа, потврдиле од МВР.
Оваа мерка, која е дел од планот на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од договорот од Преспа, почна да се применува од вчера. МВР, во согласност со одлуката на Меѓуресорската група, се задолжува да ги преземе сите потребни мерки и активности за спроведување решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање нови патни исправи.
Издавање на новите пасоши треба да почне од крајот на 2019 година, а во преодниот период МВР при излез или влез на граничните премини во постојните или новоиздадените патни исправи ќе става печат, што ќе појасни дека патните исправи ѝ припаѓаат на Република Северна Македонија.
Замената на патните документи со новото име на државата ќе бидат на товар на граѓаните. МВР веднаш треба да ја почне постапката за набавка на нови патни документи. Старите документи остануваат во важност до истекот на техничкиот рок утврден со договорот од Преспа, а тоа се пет години. Ова значи дека секој граѓанин во рамките на редовната постапка кога ќе го менува пасошот, ќе го добие новиот и ќе ја плати цената што е редовна за замена на патните исправи. П.Р.