На официјалниот сајт на Алијансата завчера, по потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, изостана името на државата, додека македонскиот јазик беше претставен со знаменце. Наместо како Македонија, бевме ословувани како земја-потписник, а во објавата се споменуваше само Скопје. Што мислат експертите за ваквиот гест на НАТО

На завчерашното потпишување на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, на официјалниот сајт на Алијансата, сепак изостана името на државата што се зачленува. Македонскиот јазик беше претставен со знаменце за разлика од францускиот, англискиот и рускиот јазик како опција за следење на манифестацијата, а спротивно од некои претходни тврдења во јавноста, дека конечно во воениот сојуз ќе бидеме признаени како нација и држава со свој јазик и идентитет во објавата се споменуваше Скопје.

Во исто време, наместо како Македонија бевме ословувани како земја-потписник. Ваквата констелација на работите во домашната јавност предизвика низа реакции и дилеми во однос на тоа дали станува збор за технички проблем или, пак, исчезнувањето на македонскиот јазик во НАТО и именувањето како земја-потписник наместо како Македонија има некоја друга конотација. Во таа насока „Нова Македонија“ побара мислење од Стево Пендаровски, националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО како и од канцеларијата на НАТО во Македонија.

Прашавме зошто на свеченоста и на објавата таму не стоеше македонскиот јазик, односно беше означен единствено со знаме и зошто во објавата бевме спомнувани како Скопје и земја-потписник наместо со името на државата. Националниот координатор на НАТО, Стево Пендаровски, накратко ни појасни и нѐ пренасочи одговор на овие прашања да побараме од Министерството за надворешни работи со образложение бидејќи тој е на службено патување. До затворањето на весникот од МНР не добивме одговор зошто недостигаше името на државата при потпишување на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во Брисел како и тоа зошто бевме ословувани како земја-потписник и Скопје. Слично на МНР и од Владата вчера немаа коментар. Одговорот за тоа зошто НАТО на официјалната страница наместо македонскиот јазик го стави само знамето на државава, од владината прес-служба ни беше објаснето дека треба да побараме од канцеларијата за врски во НАТО во Скопје.

Во меѓувреме „Нова Македонија“ побара став и од канцеларијата на НАТО во Македонија. Оттаму добивме одговор дека образложение за нашите прашања ќе добиеме по неколку дена бидејќи таква е процедурата и за официјален одговор од Брисел се чека и по неколку дена.

Сепак, за безбедносниот аналитичар и познавач на состојбите во НАТО, Благоја Марковски, изоставањето на македонскиот јазик на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, кој се одржа завчера во Брисел, но и неупотребувањето на ПЈРМ, односно Северна Македонија, при обраќањето на НАТО-челниците кон нашата делегација не е пропуст, туку тоа е само еден коректен однос на партнерите од Алијансата кон нас во период кога сѐ уште не е целосно финализиран договорот од Преспа.

– Не е техничка грешка ниту е направен пропуст. Мислам дека тоа е еден коректен однос на НАТО кон нас бидејќи ние прифативме со уставните промени да се викаме Северна Македонија. Тоа ќе важи во обраќањето кон нас кога протоколот ќе биде ратификуван во македонското собрание во петок. Дури потоа ние официјално ќе прифатиме дека се викаме Република Северна Македонија. Просто кажано, овој чекор на НАТО го согледувам како пријателски, дека тие не сакаат да нѐ навредат во овој момент бидејќи тие досега ни се обраќаа со ПЈРМ. На чувствителен начин не сакаат ниту да нѐ навредат ниту да го употребат новото име, кое сѐ уште не стапило во сила – вели Марковски.

Безбедносниот експерт во однос на јазикот и за тој дел, вели дека тоа ќе се разјасни откако Преспанскиот договор во целост ќе се имплементира, а тогаш во НАТО ќе ни биде прибележан македонскиот јазик со ѕвездичка во согласност со договорот.
Од друга страна, поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски во однос на реакциите во јавноста по потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија во НАТО и нашето именување како Скопје и држава-потписничка, вели дека тоа е коректен однос на Алијансата кон нас во овој момент.

– Фактот што на церемонијата на НАТО во Брисел не беше користена референцата, која тие цело време ја користеа може да се смета за гест на добра волја бидејќи нашето срамно прекрстување сѐ уште не е влезено во сила. Што се однесува до избегнувањето да се спомне македонскиот јазик тоа јасно покажува дека некоја од членките тоа го спречила. Која може да биде таа не треба да кажуваме бидејќи на сите треба да им е јасно. Дека нашиот јазик останува проблем е факт што никој не може да го оспорува, а дека е така потврди и евроамбасадор во Скопје, Самуел Жбогар, кој пред крајот на минатата година изјави дека „едвај чекам јазикот на Коневски и Матевски да биде дел од Унијата“, што покажува дека македонски јазик тешко ќе го има како таков, непрекрстен – завршува Никовски.


Притисок од грчка страна

НАТО ќе може да го користи терминот „македонски јазик“ откако ќе завршат сите процедури поврзани за договорот од Преспа.
Откако дел од јавноста во Македонија се побуни што вчера, првпат, за време на церемонијата за потпишување на пристапниот протокол за НАТО, Алијансата не го искористи зборот „македонски јазик“ на својата веб-страница, и покрај тоа што секогаш досега го користела, висок извор во НАТО за МИА објасни дека „откако договорот од Преспа ќе биде целосно имплементиран ќе бидеме во можност да го користиме терминот ’македонски јазик‘“. Неофицијално, овој пат имало посебен притисок од грчка страна да не се користи терминот на веб-сајтот само на овој ден, поради чувствителноста на процесот за ратификација на НАТО-протоколот за Македонија, кој треба да се заврши утре во грчкиот парламент. НАТО, велат, прави сѐ да не предизвика остри реакции од која било страна и да не го стави во опасност процесот за зачленување на Македонија во Алијансата.