Вонреден изборен конгрес му се заканува на Мицкоски

Додека се одвиваат процесите и договорите за формирање нова влада, во кои не е вклучена ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа дека го задржува опозицискиот статус, партијата, сепак, не е имунизирана од иницијативи за внатрепартиски промени и барања за оставки. Имено, иницијативниот одбор за свикување и одржување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од актуелниот претседател Христијан Мицкоски, а одговорот од партиската централа укажува дека на повидок е уште еден раскол во партијата.
Иницијативата за свикување конгрес, од пред партиското седиште ја објави поранешната пратеничка Весна Дамчевска-Илиевска.

– ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски како претседател и кандидат за премиер на овие избори излезе со програма и кандидати за пратеници што не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните. Кадрите на Мицкоски и во техничката влада не успеаја да се наметнат како лица што на граѓаните ќе им покажат нов и различен начин на водење на институциите и ќе одговорат на предизвиците со кои беа соочени. Вината може да се префрла, но вистината е една. Вистината е дека е најодговорен тој што го состави тимот, а тоа е Христијан Мицкоски – рече Дамчевска-Илиевска.
Преку статус на социјалните мрежи слично барање до Мицкоски објави и Марина Кавракова, актуелна претседателката на градскиот комитет на Унијата на жени во Скопје и членка на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Таа потсети што кажал и ветил Мицкоски на конгресот кога беше избран за претседател и каква е реалноста денеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ не ги коментираат таквите барања за вонреден конгрес и оставка на претседателот на партијата, а на новинарско прашање на прес-конференција портпаролот Димче Арсовски само кажа дека партискиот лидер Мицкоски редовно ги извршува тековните обврски.
– Во однос на тоа прашање, за барањето оставка од поранешни функционери што одлучиле да му слугуваат на Зоран Заев, наместо да се борат против неговиот криминал, не би имале што повеќе да додадеме и веќе неколкупати го имаме кажано нашиот став. Претседателот на партијата господинот Мицкоски е тука со секојдневните свои тековни обврски – одговори Арсовски.