ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради „свесно кршење на Уставот и законите“.
Криивичната пријава се случува откако пред два дена претседателот на Собранието Џафери пред Комитетот за надворешна политика на ЕП се обрати на албански јазик.
По тој повод, професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, на прес-конференција во Собранието остро го критикуваше однесувањето на Џафери. Таа истакна дека со обраќањето, тој го прекршил Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за истото треба да одговара, а ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.
– Претседателот на Собранието Талат Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам имено тој зборуваше на албански јазик, би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, Член 1 во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо – вели пратеничката Силјановска Давкова.
Силјановска посочи дека ставот 2 од истиот Член од Уставот вели дека јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните исто така е службен јазик со неговото писмо, но во истиот член никаде не пишува дека истиот може да се употребува во меѓународните односи.
– Ова значи дека господинот Талат Џафери си го допиша Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите за јазикот – истакна Силјановска Давкова.
Пратеничката посочи дека претседателот на Собранието треба прв да покаже дека е под Уставот и законите, а дека и го почитува Деловникот и треба така и да се однесува во меѓународните односи.
– Во меѓународната јазична практика дури и во федерации како Шварцарија или Белгија кадешто ние пратениците ги добиваме законите на два јазика, секогаш постои автентична верзија, заради опасноста од различниот превод да се гласа за различни решенија, не ми е јасно кој е авторот на ваквиот модел, пратениците Албанци можат да ги добиваат материјалите на албански јазик, но не постои обврска за пратениците Македонци, Турци, Роми, Власи и останати да добиваат текст на албански јазик, па по тоа ова е невообичаена пракса дури и за Европскиот парламент, и очигледно е ова некоја нова јазична инвенција – појасни Силјановска.
Силјановска вели дека оваа како што рече јазична инвенција не само што е незаконска и неуставна и доведува до големи забуни.
– Очекував службите во Собранието да му алармираат на претседателот на Собранието, но очигледно дека тој мисли дека сѐ е дозволено, точно е дека ваквите текстови доаѓаат и од Владата – вели Силјановска Давкова.
Таа потенцираше дека личните документи се издаваат на македонски јазик како и на тој јазик во согласност со закон, значи „и“, „и“, не „или“, „или“, како и го потенцираше примерот кој се случи во Тетово каде матичните служби им велат на граѓаните дека мораат да ги добијат личните документи двојазично затоа што нивниот број бил низок од 20 проценти, кое е уште едно кршење на Уставот.
– Ја повикувам претседателката на Уставниот суд која вели дека никој не може да влијае врз неа, да ги процесуира неколкуте иницијативи за оценка на уставноста на законот на употреба на јазиците, јас како професор одгoворно тврдам дека и процедурално тој е донесен спротивно на Уставот и законот во скратена постапка со европско знаменце, а овој закон не беше потпишан од претседателот на државата, а без негов потпис тој закон е невалиден, односно станува збор за неовластено фалсификување, на потег треба да биде Уставниот суд – појасни Силјановска Давкова.
Интерпелација за Џафери денеска најави Левица, а поддршка доби и од ВМРО-ДПМНЕ.