На овие избори има огромен број на неважечки ливчиња, над 30 илјади кои се несвојствени за избори со ваква излезност, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој кажа дека функционери и експоненти блиски до СДСМ јавно воделе кампања да се прешкртуваат ливчиња и лажно тоа го преставувале дека е повик на ВМРО-ДПМНЕ.
– Голем дел од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ кои сега се сметаат за неважечки. Што значи се поништува нивната волја – кажа Арсовски.
Затоа, додаде тој, ние ќе побараме како политичка партија рачно пребројување на гласачките ливчиња.
– Потребно е во овие моменти да се заштити волјата на граѓаните. Да се штити демократијата во Република Македонија. Институциите им го должат ова на граѓаните и затоа мора да го реализираат – изјави Арсовски.
Дополнително, додаде тој, во јавноста предизвика забуна што на официјалниот веб сајт на ДИК стоеја податоци кои не кореспондираа со записниците направени од избирачките одбори, но и во однос на нашата евиденција која што ја имаме.